Советот на Европската Унија донесе одлука за започнување на процес на преговори со земјите од Западен Балкан за проширување на режимот „Роаминг како дома“, што претставува значаен чекор кон дигитална интеграција на регионот со единствениот европски пазар. Во процесот се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија, чии граѓани во иднина би можеле да користат мобилни услуги во Европската Унија без дополнителни трошоци, под исти услови како дома.
Со предложената рамка, корисниците од овие земји би имале можност за непречено остварување на телефонски повици, испраќање текстуални пораки и користење на мобилни податоци при престој во ЕУ, без дополнителни роаминг-давачки. Истата поволност би важела и за граѓаните на ЕУ при патување во Западен Балкан. Во моментов, режимот „Роаминг како дома“ веќе функционира во рамки на земјите членки на ЕУ, како и во Ирска, Лихтенштајн и Норвешка, а од неодамна е проширен и на Молдавија и Украина.
По донесената одлука, ЕУ ќе започне технички и правни преговори со секоја од шесте земји, со цел склучување билатерални договори и усогласување со европското законодавство во областа на електронските комуникации. Како што се наведува, конечната одлука за отворање на роаминг-пазарите ќе зависи од позитивна оценка за исполнување на регулаторните услови, вклучително и спроведување на законски и институционални реформи во секторот телекомуникации.
ЕУ го воведе концептот на бесплатен роаминг пред девет години, со што беа укинати дополнителните трошоци за мобилни услуги при патување меѓу земјите членки, поставувајќи го овој модел како еден од највидливите примери на дигитална интеграција во Европа.












