петок, јуни 5, 2026
Дома КУЛТУРА „Длабоко во себе“ – инклузивен креативен проект во Чифте амам по повод...

„Длабоко во себе“ – инклузивен креативен проект во Чифте амам по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам

44

Во Националната галерија Чифте амам, на 31 март, традиционално ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со аутистичен спектар на нарушување. По тој повод, во 11:00 часот ќе биде отворена изложба на графики во техника монотипија изработени на работилниците одржани месецов.

– Ликовната уметност е важна за развојот на децата, ги развива имагинацијата и способноста за креативно размислување. Од најрана возраст учат да комуницираат преку бои и цртежи, на невербален начин се изразуваат подобро од вербалноста на нивна возраст. Особено е потребна во интелектуалниот развојот кај лицата со попреченост. Затоа, важноста за постоење и анимирање на ваквите проекти има голема оправданост и општествена одговорност, посочуваат од Националната галерија.

Додаваат дека, оваа година, децата имале можност да ја научат и да ја применат графичката техника монотипија. Темата на овие работилници била морскиот свет.

– Со графички бои, децата цртаа риби, морски ѕвезди, октоподи, желки, школки, и полека навлегуваа во графичката техника. Со притисок, рачно или низ преса, бојата ја пренесоа на хартијата. За разлика од другите графички техники, каде што може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен. Резултатот со ваквиот начин на сликање е уникатна графика. Навлегувајќи длабоко во морските длабочини, тие навлегоа длабоко во себе! Длабоко во својот свет, свет многу поискрен и поубав од оној во реалноста, додаваат од Националната галерија.

На работилниците учествувале ученици од повеќе училишта: ОУ „Невена Герогиева-Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, здружението „Инклудиверса“, како и студенти од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“, под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети.

Изложбата ќе може да се посети до 5 април.

ИЗДВОЕНИ