четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Имаат ли компаниите доволно нафта и гас за да не запре производството?

Имаат ли компаниите доволно нафта и гас за да не запре производството?

Новото поскапување на нафтата и гасот го вклучи алармот и кај граѓаните и кај компаниите. Неизвесноста на енергетските пазари отвори бројни прашања – дали ќе има доволно количество и по кои цени ќе се набавуваат енергентите во наредниот период. Енергетските експерти уверуваат дека државата располага со резерви за 60 до 90 дена и дека во моментов нема ризик од недостиг, но предупредуваат дека ценовниот притисок ќе зависи од развојот на конфликтот на Блискиот Исток и од движењата на светските берзи

971

Новото поскапување на нафтата и гасот го вклучи алармот и кај граѓаните и кај компаниите. Неизвесноста на енергетските пазари отвори бројни прашања – дали ќе има доволно количество нафта и гас и по кои цени ќе можат да се набават во наредниот период. Стравувањата од недостиг и од нов ценовен удар се сè погласни, додека пазарите реагираат на секоја ескалација со нов скок на цените. Енергетските експерти смируваат дека државата има нафтени резерви да одговори на потребите на пазарот, а компаниите што користат гас во производството веќе имаат резервирано количество за еден-два месеци.

–Државата е подготвена да одговори на потребите на пазарот преку Агенција за задолжителни нафтени резерви. Државата има законска обврска да обезбеди количество за непречено работење на економијата, односно за 60 до 90 дена, во зависност од состојбата. Проблемот бара подолгорочно решение. И Европа е засегната од ситуацијата и се труди да ја замени потрошувачката на нафта и гас со електрична енергија секаде каде што тоа е можно и каде што дозволува технологијата во производството, вели Славе Ивановски, енергетски експерт и поранешен претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој смета дека војната нема да трае долго, односно ќе заврши за 4-5 недели, а дотогаш државата има резерви да ги покрие потребите.

–Поскапен е и танкерскиот превоз од 200 илјади на 400 илјади долари по брод, што влијае на цените на нафтените деривати, а тие, пак, врз производството. За да се обезбеди подолгорочно снабдување, Регулаторната комисија за енергетика треба да ги следи берзанските цени и по потреба да ги менува. Цените на нафтените деривати кај нас зависат од цените на берзите и од курсот на доларот, објаснува Ивановски.

Митко Андреевски, експерт за енергетика и гасификација, вели дека Македонија е 100 отсто зависна од увоз на нафта и гас, така што сите промени во снабдувањето и во цените на енергентите влијаат на нашиот пазар.

– Доколку државата се откаже од ДДВ и од акциза, тоа нема да смени ништо во цената на енергентите, само ќе се намалат приходите во буџетот. Поради тоа, нема да може да ги реализира плаќањата за транспорт на енергентите. Во овој случај не е проблем количеството, туку цената на нафтата, која е многу зголемена поради војната на Блискиот Исток, вели Андреевски за ВЕЧЕР.

Според него, во моментов, државата нема проблем со снабдување со нафта и нафтени деривати и оти во случај на подолго траење на конфликтот, државата има резерви кои може да го покријат недостигот.

Енергетските експерти се согласни дека воениот конфликт на Блискиот Исток нема да предизвика енергетска криза, бидејќи во моментов имаме многу фотоволтаици, хидроелектрани, јаглен, мазут… така што цената на струјата ќе остане стабилна.

– Има технологии кои се зависни од гас, но тие имаат резерви. Компаниите кои користат гас во своето производство имаат резервирано количество за еден или два месеци. Долгорочно гледано, овие компании можат да бидат засегнати, но сè зависи колку време ќе трае војната, вели за весникот ВЕЧЕР професорот Антон Чаушески.

Според него, најголем проблем е зголемувањето на цената на транспортот, која ќе влијае како врз цените на енергентите, така и врз цените на сите производи и услуги.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, информира дека државните нафтени резерви се стабилни и гарантираат сигурност на снабдувањето со нафтени деривати во земјата.

Од Министерството соопштија дека внимателно се следи актуелната енергетска состојба и потенцијалните геополитички ризици, при што Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА континуирано ги одржува резервите со цел да се обезбеди стабилност на пазарот.

Државните резерви се формираат и се одржуваат согласно со европската регулатива и претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие може да се користат исклучиво со одлука на Владата, во случај на енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето.

Во моментов, увозот на нафтени деривати се одвива непречено, а како дополнителен механизам за сигурност е обезбеден и продуктоводот Солун – Скопје, кој овозможува континуиран доток на сите видови деривати.

Според официјалните податоци, државните резерви изнесуваат 138.877.053 литри еуродизел, 32.098.680 литри еуросупер БС-95, 10.772.342 литри екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) и 5.287.794 килограми мазут М-1 НС. Резервите се складирани кај ОКТА, Макпетрол, Лукоил и Супер Трејд и постојано се мониторираат од надлежните државни органи.

Божиновска нагласи дека со редовната набавка, континуираното дополнување и диверзификацијата на снабдувачите се обезбедува непречен доток на деривати, нагласувајќи дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг. Државата, како што посочи, е подготвена навремено да реагира и да ја зачува енергетската стабилност на земјата.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ