Дваесет и петгодишниот Е.А. од Скопје е лишен од слобода откако полицијата открила дека со денови држел во заробеништво, физички малтретирал и силувал 22-годишна жена. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, жртвата неодамна пристигнала од Германија за да се сретне со осомничениот, со кого претходно се познавала.
– На 05.03.2026 во 16:55 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.А.(25) од скопско по претходна пријава дека на 23.02.2026 во неговиот дом физички нападнал 22-годишна жена со која претходно се запознале, а истата пристигнала од Германија и извршил обљуба врз неа, информираа од МВР.
Како што наведуваат од полицијата, ѝ упатувал закани, а исто така во периодот додека била во неговиот дом не и дозволувал да излезе сама и ѝ го зел нејзиниот мобилен телефон.
Пред два дена жената успеала да се јави телефонски на нејзината мајка, истата алармирала во полиција, која пристигнала на посочената адреса и постапила со направена проценка на ризик.
Воедно е известен и јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.












