четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Жената што го прави највкусното сирење во Македонија, кое може да се...

Жената што го прави највкусното сирење во Македонија, кое може да се најде и на трпезите во Дубаи

Вангелина Пармачка ги спојува традицијата, мајсторството и љубовта кон својот занает, создавајќи овчо сирење кое го ценат не само во Македонија туку и во странство – од Бугарија и Грција до САД, Канада и Дубаи. Таа вели дека успехот на нејзиниот бизнис се должи на макотрпната работа и на посветеноста. Како за секоја работа во животот, така и со одгледувањето овци и правењето сирење, колку повеќе ќе се вложиш – толку повеќе ќе ти се врати финансиски. Вели дека со овој бизнис добро се заработува, а привилегијата е што живееш во чиста средина, дишеш чист воздух и јадеш здрава храна

4190

Вангелина Пармачка е жената што го прави највкусното овчо сирење во Македонија, комбинирајќи љубов, традиција и мајсторство во секој аспект на својот занает. Нејзиното сирење, произведено во фармата „Пармачки“, е синоним за автентичност и квалитет, а е ценето не само во Македонија туку и во регионот и пошироко. Сирењето од нејзината фарма се продава во Бугарија, Грција, Србија, на македонските иселеници во САД и Канада, а може да се најде и на трпезите во Дубаи. За Вангелина, правењето сирење не е само работа, туку вистинска пасија која се пренесува од поколение на поколение, таа е чувар на традицијата и на квалитетот кој не познава границите.

–Со одгледување овци почнавме пред 28 години, а на почетокот имавме само 20 грла. Во 2007 година отворивме наша фирма, која успешно работеше и се ширење. Секоја година, бројот на овци континуирано се зголемуваше и сега имаме 700 овци. Овците пасат по ливади и по планински пасишта каде што има природни извори, односно пијат чиста планинска вода. Ова придонесува за високиот квалитет и за препознатливиот вкус на сирењето. Во Малешевијата растат најразлични билки кои придонесуваат за молекуларниот состав на млекото и за неговиот квалитет. Квалитетот на млекото на овцата зависи од тоа со што се храни. Ако млекото не е квалитетно, нема да биде квалитетно ниту сирењето, вели Вангелина.

Таа вели дека составот на млекото од нејзините овци е тестирано повеќепати и е оценето со највисоки оценки во државата и во регионот.

– Купувачите нè наоѓаат и на социјалните мрежи, каде што сме препознаени како фарма „Пармачки“ бидејќи работиме цело семејство. Напасувањето е на традиционален начин и сирењето се прави на традиционален начин. Сите овие години ги следиме и новитетите и стандардите за квалитетно одгледување на овци и правење сирење по ХАСАП-систем и по европски стандарди, што значи дека се запазени сите хигиенски услови. Исто така сме регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство за продажба од куќен праг, вели Пармачка.

Освен сирење, таа вели дека произведува и урда, а дневно произведува по 100 килограми сирење од околу 300 литри млеко.

– Како што се зголемува стадото, се зголемува и производството на млеко и на сирење. Овците бараат многу љубов и внимание, ако им се посветиш повеќе, даваат повеќе млеко и се зголемува капацитетот на производство на сирење. Освен на физички лица низ државата, сирењето го продаваме на ресторани, а и пошироко во светот, во Бугарија, Грција, Србија, на македонските иселеници во САД и Канада, а може да се најде и на трпезите во Дубаи, додава нашата соговорничка.

На фармата и во млекарницата, како што вели, освен неа и сопругот, работат и нејзините три деца кои се фамилијарни, односно мажени женети, а има и внуци.

– Нашата мисија беше децата да останат дома и да не си заминат од државата. Поради тоа го почнавме и овој бизнис. Прво заради сопствена егзистенција, а потоа и за да им создадеме работа на нашите деца. Сега сите тројца, и покрај тоа што се факултетски образовани, односно имаат завршено економски, медицина и информатика, работат на фармата, раскажува Вангелина.

Според неа, како за секоја работа во животот така и со одгледувањето овци и правењето сирење, колку повеќе ќе се вложиш – толку повеќе ќе ти се врати финансиски. Вели дека со овој бизнис добро се заработува, а привилегијата е што работата ти е дома и јадеш здрава храна.

Селото Будимирци, Беровско, каде што живее и каде што се наоѓа фармата, е планинско место на надморска височина од 800 метри каде што има извори со чиста планинска вода и чист воздух, и затоа тоа и вкусот на сирењето е автентичен и препознатлив.

За чување на овците има ангажирано овчар, а во фармата работат сезонски работници кои ја чистат, ги хранат и ги молзат овците, додека во млекарницата, која, како што вели, е како аптека, работат заедно со сопругот.

Вели дека нејзината работа е 24/7, но ако добро се испланира има слободно време и за одмор, за кафе со пријателки и за некоја подалечна прошетка.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ