четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Хемискиот отпад носи ризик по здравјето, МОРА ПРАВИЛНО ДА СЕ ДИСЛОЦИРА: Десетте...

Хемискиот отпад носи ризик по здравјето, МОРА ПРАВИЛНО ДА СЕ ДИСЛОЦИРА: Десетте тони хемикалии кај ИЈЗ го вклучија алармот, колку болници лежат на депонии?!

Во моментот, немам информации дека вакви депонии постојат и на други места и во други здравствени институции. Но, нема да се изненадам ако постои така складиран отпад – изјави денеска министерот за здравство, Азир Алиу. Среќна околност било што бараката во која бил чуван отпадот била урната, па имало природна вентилација бидејќи во случај на пожар, ќе имаше голема опасност

147

Големата депонија со десет тони хемиски отпад, која завчера беше отстранета од Институтот за јавно здравје, не е единствена во земјава, туку такви постојат и во други градови и во нивните здравствени институции. Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска изјави дека тој нема да се изненади од постоењето на вакви депонии и во други градови, а таков став искажа и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска. Од урнатите и дотраените бараки зад ИЈЗ во непосредна близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, завчера беа отстранети десет тони исцедоци од лабораториски анализи и хемикалии од различен вид. На просторот можело да се случи хаварија или пожар со што ќе се создадеше голем ризик за здравјето на луѓето и безбедноста.

Министерот Алиу, на денешната конференција за печат, одговарајќи на новинарско прашање за депонијата, рече дека нема да го изненади ако постојат и други вакви депонии.

–Во моментот, немам информации дека вакви депонии постојат и на други места и во други здравствени институции. Но, нема да се изненадам ако постои вака складиран отпад во близина на некоја здравствена институција. Кога станав министер, се изненадив дека немаме ниту централизирана банка за човечки ресурси. Можете да замислите колку, како Министерство, ни недостигаат и податоци за тоа што се случува со здравствената инфраструктура во земјава – нагласи министерот.

Голема опасност по здравјето

Тој додаде дека, во иднина, ќе соберат информации за тоа каква е состојбата по здравствените институции во однос на собирањето ваков отпад.

Заменик-министерката Лашкоска, вчера, нагласи дека вакви хемикалии можат да се најдат и во други државни институции и дека оваа акција треба да послужи како пример за правилно управување и отстранување на опасниот отпад низ целата држава.

– Никој не се потрудил да се погрижи за нив, да ги отстрани, иако секој човек може да отвори, да прочита дека тие се голема опасност и за здравјето, и за животот на сите граѓани, особено за тие што работат и живеат овде, во овој круг. Јас би сакала решавањето на овој проблем да биде една иницијатива за оние институции за кои сум сигурна дека во своите простори имаат вакви хемикалии, односно ваков хемиски опасен отпад. Нека биде еден пример дека треба тој хемиски отпад да се отстрани. Не верувам дека е во толкави количества какви што најдовме овде, меѓутоа, сигурна сум дека го има и во други институции. Има начин и мора да почнеме да се справуваме и со хемискиот отпад, како и со другиот вид отпад што го имаме во државата – нагласи таа.

Немало органски отпад

Според сознанијата на весникот ВЕЧЕР, отпадот, во најголем дел, го сочинуваат исцедоци од анализи и хемикалии кои се користат при анализи.

– Во отпадот немаше органски материјали, туку само хемикалии. Тоа се течности, исцедоци, кои се користеле при анализи и во кои се ставани одредени примероци. Останатиот дел се хемикалии на кои им е истечен рокот на траење и поради тоа биле фрлени. Нема дилеми дека вака фрлени и оставени исцедоци и хемикалии, вакви жешки точки, има и по други места. Среќна околност е што бараките беа урнати и што имаше природна вентилација, па не се создаваше концентрација на гасови. Ќе беше мошне опасно ако тука избувнеше пожар или слично. Тука постојано поминуваат вработените, студентите и учениците – ни изјави еден од учесниците во дислоцирањето на отпадот.

Собраниот отпад, во брзо време, ќе биде изнесен надвор од земјата за да биде уништен. Раководител на секторот за отпад во Министерството за животна средина, Ана Каранфилова-Мазневска, ни изјави дека собраниот отпад треба да се препакува.

– Потребно е да биде поднесено барање до нас за изнесување надвор од земјава, а кое ние ќе го одобриме – објасни таа.

Тоа не може да се изврши во скопската депонија „Дрисла“ бидејќи таму не се третира ваков вид отпад, туку само друг вид отпад.  Во „Дрисла“, пред четири години, е воведен модерен автоклав – стерилизатор кој ги дроби и ги стерилизира медицинските материјали (игли, шприцови, гази, катетери и др.) и може да го намали волуменот на отпадот до околу 80 отсто. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ