Детските игралишта станаа собиралишта на тинејџери кои во вечерните часови не само што прават врева од која жителите не можат да спијат туку и зад себе оставаат неред, турнати канти за ѓубре, скршени клупи и лулашки, ама и празни шишиња од алкохол. Ваквото лошо поведение се очекува да ескалира, особено откако учениците се распуштија, па излегувањата ќе станат секојдневни. Последниот инцидент само ја дополнува сликата на несовесно и некултурно однесување. Имено, од видео објавено на социјалната група на жители на општината Карпош 4, се гледа како група деветтоодделенци насилно ја туркаат канделабрата поставена во зеленилото кај детско игралиште. Според сликите објавени од следното утро, канделабрата веќе не е во функција, а од падот се искршени бекатон плочките од пешачката патека. Од снимката се гледа дека во моментот кога паѓа канделабрата, за среќа, нема минувачи за кои падот би можел да биде фатален за нивната безбедност. Реакциите од граѓаните се големи, велат дека не е првпат да се случува ваков вандализам од тинејџери.
„Имаат премногу примери за ова однесување, го прават и остануваат неказнети. Најчесто и кога прават бели во училиште се заштитени од родителот, чест на исклучоците. Тие дефинитивно не го користат интернетот како помошна алатка, повеќето не ни знаат, ама затоа несоодветни содржини еден куп на еден клик… Нетрпение, слаба концентрација, несоодветно изразување и однесување се секојдневност во училница“, вели жителка на оваа скопска населба.
Граѓаните бараат реакција од полицијата, а родителите да се ги воспитаат децата. „Некој родител сигурно си го препознава своето дете на снимкава! Ако ништо друго, барем по гласот, по викањето. Мора некој да го препознава детето што ја бутка канделабрата. Некое од децата што бегаат. Некое дете сигурно ќе каже име и веднаш пријава во МВР. Ако деветтоодделенците прават вака цело лето, кај ни е крајот? Уште што ли нема да уништат? Секој родител што има дете малолетник, нека се праша кај му е детето по 22:00 часот. Дали треба да е дома или сè уште надвор??? Викање полиција секоја вечер по 22:00 часот… ако сакаме мир и да не ни се уништува урбаната опрема“, вели жител што живее во близина каде што се случил инцидентот.
И општината Карпош се вклучи во апелот до родителите на поголема одговорност. Според општината, во изминатиот период биле евидентирани бројни оштетувања на клупи, канти за отпадоци, држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити, како и на друга урбана опрема.
„Последниот случај на кршење канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвора потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста на граѓаните во јавниот простор“, соопштија од Општина Карпош и дополнуваат дека дивеењето го пријавуваат во полиција, од каде што добиле уверување дека ќе има засилено полициско присуство на терен и активности за расчистување на инцидентите.

Но, нема проблем само во оваа населба со лошото однесување на тинејџерите кои навечер се собираат на одредени точки во Градот и истураат бес врз инвентарот. Тоа и натаму е случај со детското игралиште во населбата Капиштец, каде што не само што се кршат лулашките и клупите туку навечер младите пијат алкохол и предизвикуваат групни тепачки.
Неодамна, весникот ВЕЧЕР пишуваше на оваа тема, а на прашањата испратени до МВР – нели сметаат дека во вечерните часови треба да се зајакне „позорникарството“ низ населбите, ни одговорија дека во зависност од ангажманот за редовни вонредни и посебни обезбедувања се испраќаат служби како маалски „позорникари“ на терен.
„СВР Скопје функционира со полицајци ’позорникари’ во урбани средини, пешачки патроли и мотопатроли во урбани и рурални средини кои влијаат на подобрување на општата безбедност на општините, кои најчесто ги покриваат критичните места каде се случуваат нарушувања на јавниот ред и мир и извршување на кривични дела. СВР Скопје соработува со заедницата за да креира партнерство и да ја подобри јавната безбедност на тој начин што работи во директна комуникација со месните заедници, канцеларии, институции, преку креирање на работилници од областа на безбедноста, јавниот ред и мир, сообраќајот и криминалитетот, се вршат предавања во училишта и градинки – проект ’Безбедни училишта’“, одговорија од МВР.
Од полицијата додаваат дека доколку сторителот на кривично дело е дете под 14 години, се изготвува Известување до МЦСР за преземање на понатамошни мерки како за детето, така и за неговите родители. (П. А.)












