Транспортниот сектор, кој претставува еден од клучните двигатели на европската економија, сè почесто се соочува со нова реалност – најголемата закана веќе не доаѓа од разбојници на патиштата, туку од измамници зад компјутерските екрани. Според експертите од транспортниот сектор, криминалците најчесто ги следат огласите за транспорт на специјализираните берзи за товар и логистички платформи. Потоа контактираат со шпедитерите или со нарачателите, претставувајќи се како регистрирани превозници со валидни лиценци и осигурување. Откако ќе ја добијат работата, испраќаат возило на местото на утовар, ја преземаат стоката и исчезнуваат без трага

 

Додека транспортните компании инвестираат во сè пософистицирани системи за заштита на возилата и товарот, организираните криминални групи пронајдоа нов начин за кражба – без кршење катанци, без пресретнување на камиони и без употреба на сила. Од платформата „Камионџии Балкан“ предупредуваат дека во Европа е во пораст нов вид криминал во транспортната индустрија, познат како „лажен превозник“ или „фантомски транспортер“, при што криминалците преку интернет се претставуваат како легални транспортни компании и го преземаат товарот директно од местото на утовар.

– Станува збор за добро организирани групи кои користат украдени идентитети, фалсификувана документација и лажни деловни профили. Товарот се презема легално од магацините, но никогаш не пристигнува до крајната дестинација – предупредуваат од „Камионџии Балкан“.

Според експертите од транспортниот сектор, криминалците најчесто ги следат огласите за транспорт на специјализираните берзи за товар и логистички платформи. Потоа контактираат со шпедитерите или со нарачателите, претставувајќи се како регистрирани превозници со валидни лиценци и осигурување. Откако ќе ја добијат работата, испраќаат возило на местото на утовар, ја преземаат стоката и исчезнуваат без трага.

– Најопасно е што на хартија сè изгледа легално. Документите изгледаат веродостојно, телефонските броеви функционираат, а компанијата навидум постои. Проблемот се открива дури кога товарот нема да стигне до примачот –  велат експерти за логистичка безбедност.

Најчеста цел на ваквите измами се производи со висока пазарна вредност и лесна препродажба, како што се електроника, мобилни телефони, алкохолни пијалаци, облека од познати трговски марки, автомобилски делови и други комерцијални производи. Во повеќе европски земји веќе се регистрирани случаи во кои товар вреден стотици илјади евра исчезнал веднаш по утоварот.

И специјализираните европски медиуми за транспорт и осигурителните компании предупредуваат дека класичните кражби на камиони постепено се заменуваат со дигитални измами и кражби преку лажно претставување. Германското здружение на осигурителни компании предупреди дека бројот на случаи со таканаречени „фантомски шпедитери“ е во пораст, при што криминалците ги користат онлајн транспортните платформи за да дојдат до вредни товари.

– Наместо да провалуваат во камиони на паркинзи, криминалците денес се појавуваат во магацините како легален превозник и си заминуваат со цел товар – изјавуваат претставници на европски организации кои ја следат безбедноста во транспортниот сектор.

Слични предупредувања доаѓаат и од меѓународните осигурителни компании и логистички организации, според кои измамите со лажни превозници претставуваат една од најбрзо растечките закани за синџирите на снабдување во Европа.

– Организираните криминални групи користат софистицирани методи со минимален ризик, а потенцијалната заработка од една успешна измама може да достигне огромни суми –предупредуваат експертите.

Од „Камионџии Балкан“ апелираат транспортните компании, шпедитерите и испраќачите на стока значително да ги заострат процедурите за проверка на превозниците преку дополнителна верификација на лиценците, директна проверка на контактите и потврдување на идентитетот на компаниите пред доделување на товарот.

– Во време кога криминалците сè повеќе ја користат технологијата, довербата веќе не смее да се темели само на документите испратени по електронска пошта. Потребна е детална проверка на секој превозник пред да му се довери товар вреден десетици или стотици илјади евра – порачуваат од „Камионџии Балкан“.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ