Детски, младински, македонски филмови и арт-хаус ремек-дела во Кинотека; Јануарска филмска програма

50

Детски и младински филмови, македонски документарни и кратки остварувања, наслови како дел од зимското издание на фестивалот „Браќа Манаки“, како и арт-хаус ремек-дела ќе ја означат јануарската програма на Кинотеката, која стартува на 9 јануари.

-Кинотека на Македонија ја започнува новата година со богата и разновидна програма за љубителите на филмската уметност. Јануари 2025 година ќе понуди содржини за сите генерации, од најмладите до најстрасните филмофили, преку тематски и ексклузивни проекции, најавуваат од оваа институција.

За најмладата публика, Кинотеката организира утрински проекции во рамки на тематот „Кино утро“ (од 9 до 16 јануари). Ќе бидат прикажани: македонскиот анимиран филм „Јон против галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, „Мечето Падингтон“, „Божиќната магија на животните“,„Кариран нинџа 2“,„Дедо Мраз супер херој“ и „Соништата на еден робот“.

„Божиќната магија на животните“.

-Оваа иницијатива има за цел да го приближи светот на филмот до најмладите преку селекција на забавни, едукативни и инспиративни детски и младински филмови. Програмата е одлична можност за семејно дружење и за запознавање на младите со магијата на седмата уметност, додаваат од Кинотеката.

Овој месец, љубителите на македонската кинематографија ќе имаат можност да уживаат во проекции на документарни и кратки македонски филмови. Програмата ги слави делата на домашните автори, истакнувајќи ја нивната креативност и ангажираност. Од документарците, на 20 јануари ќе има проекција на „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски. Селекцијата „Македонско ќоше“ што ќе се прикаже на 28 јануари, пак, ќе вклучува млади македонски филмски автори и нивните филмови од најновата продукција. Проекциите ќе бидат проследени со разговори и прашања и одговори, со присутните автори, а ќе можат да се видат „Прошетка“ на Елеонора Венинова, „Турбо Нет“ на Надежда Панов, „Баг“ на Филип Момировски, „Амин“ на  Ана Марија Јанковиќ и „Тага“ на Тина Величковиќ.

Кинотеката ќе биде домаќин и на зимското издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во рамките на ова издание ќе бидат прикажани пет наслови – копродукции меѓу земји од јадранскиот регион кои оставиле значителен печат во изминатите три години. Првата проекција ќе се одржи во киносалата на Кинотека („Екскурзија“ на Уна Гуњак, 17 јануари), додека останатите четири филма ќе бидат достапни на дигитална платформа, овозможувајќи поширока достапност на овие значајни дела.

„Перфектни денови“

За љубителите на современата авторска кинематографија, на програмата се два високо ценети арт-хаус филма: „Зона на интерес“ на Џонатан Глејзер (23 јануари), интензивен и провокативен филм кој ја истражува нормализацијата на злото и „Перфектни денови“ на Вим Вендерс (25 јануари), емотивно и визуелно фасцинантно дело кое ја слави едноставноста на животот. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ