Нова претседателка на Друштвото на писателите на Македонија е писателката Гордана Јовиќ-Стојковска, која ја доби поддршката од мнозинството членови на ДПМ присутни на редовното изборно Собранието кое се одржа неодамна при што беше избрано ново раководство.
За членови на новиот Управниот одбор на ДПМ се избрани досегашниот претседател Живко Грозданоски, заедно со другите членови: Петар Андоновски, Драгана Евтимова, Хана Корнети, Елизабета Јончиќ и Сеида Бегановиќ.
За нови членови на Судот на честа е избрана писателката Ирена Јурчева, поранешната претседателка на ДПМ, Соња Стојменска-Елзесер, како и авторите Диме Ратајкоски, Марина Мијаковска и Иван Антоновски.
„Сакам да им честитам на сите избрани, особено на младата екипа, на која особено ѝ се радувам. Верувам дека имаме многу добро конципирана изборна програма и дека успешно ќе соработуваме. Па и половина од замисленото да го направиме, соработувајќи во рамки на Друштвото, со особен обѕир кон членовите надвор од Скопје, како и од заедниците – ќе биде одлично“ изјави новата претседателка на Друштвото во своето кратко обраќање до членството.
Новото раководство на Друштвото на писателите на Македонија треба наскоро да ја одржи својата конститутивна седница, на која ќе избере потпретседател на Друштвото.












