Граѓаните да добијат можност директно да учествуваат во финансирањето на капитални енергетски проекти, како што е изградбата на ХЕЦ „Чебрен“, преку купување акции, наместо да ги вложуваат средствата исклучиво во недвижности. Ова го порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад (РКЕ), Ацо Ристов, на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, организирана од „Фајнс тинк“.

Според Ристов, енергетиката не треба да биде привилегија само на државата туку и можност за активно учество и на граѓаните.

– При реализација на стратешките енергетски објекти, покрај класичните модели на кредитирање, потребно е да се разгледа и можноста за формирање акционерски друштва, каде што граѓаните би можеле да инвестираат и да станат дел од развојот на енергетскиот сектор. Наместо да се насочуваат парите во бетон и железо, односно во недвижности, тие може да се вложат во акции преку кои ќе се финансира изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ – истакна Ристов.

Осврнувајќи се на процесот на енергетска транзиција, тој нагласи дека земјата веќе прави конкретни чекори кон намалување на зависноста од фосилни горива. Како значаен исчекор ја посочи најавената изградба на когенеративна централа во Битола од страна на ЕСМ, оценувајќи ја како јасен сигнал за стратешката определба кон почисти извори на енергија.

Ристов најави дека следниот фокус на регулаторот ќе биде развојот на е-мобилноста, односно електрификацијата на транспортниот сектор.

– Развиените земји веќе бележат над 50 проценти застапеност на е-мобилноста, додека кај нас тој удел изнесува само околу еден процент. Тоа е сегмент што мора интензивно да се развива бидејќи претставува иднина на транспортот. РКЕ веќе почнува активности за подготовка на соодветна регулатива, која ќе создаде услови и ќе даде поттик за развој на оваа област – рече Ристов.

Во однос на воведувањето јаглеродна такса и европски механизми за намалување на емисиите, претседателот на РКЕ оцени дека домашната цена на електричната енергија во моментов не е доволно конкурентна на европскиот пазар и останува регионално ограничена. Сепак, според него, неопходно е да се завршат реформските процеси и јасно да се разграничат производителите што користат обновливи извори на енергија од оние што произведуваат електрична енергија од фосилни горива.

Тој потенцираше дека енергетската транзиција е неизбежен процес што ќе бара координирани активности на институциите, компаниите и на граѓаните, со цел обезбедување одржлив и конкурентен енергетски сектор.

ИЗДВОЕНИ