Хрватскиот кошаркар и поранешен 12. избор на НБА-драфтот, Дарио Шариќ, повеќе не е играч на ниту еден НБА-тим и по турбулентните месеци, реши отворено да проговори за разочарувањето што го доживеа во најсилната кошаркарска лига во светот.
По десет сезони во НБА и промената на дури седум различни тима, 31-годишниот крилен центар моментално е слободен агент и сериозно размислува за враќање во Евролигата. Последниот месец беше особено турбулентен за него. На 1 февруари, тој заврши во редовите на Чикаго булс, во размена на три тима, но таму остана само два дена. На 3 февруари, повторно беше дел од нова размена и се пресели во Детроит пистонс, од каде што беше отпуштен на 9 февруари.
Во интервју за „Спортске новости“, тој не го криеше своето разочарување од начинот на кој функционираат работите во НБА.
- Штета е кога ќе те доведат во НБА, ќе ти кажат дека ќе добиеш шанса да играш, а потоа не се држат до тоа. Го градиш својот живот околу таа приказна, го селиш семејството. Ќе беше пофер да ми кажеа во август: „Не те сакаме, одиме во друга насока – рече Шариќ.











