„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историјата и припадноста, нивното бележење, опстојување и бришење. Во фокусот на проектот се две збирки на цртежи и нивното просторно осмислување. Една од збирките е колекција на цртежи изработени со јаглен од Талевски, а другата збирка е имагинативен дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски околу изгубените цртежи на еминентниот автор и собирач на народно творештво, Марко Цепенков
„Дама со девет камења“ е насловот на самостојната изложба на уметникот Иванчо Талевски што ќе биде отворена на 3 јули, во 20:00 часот, во „Нова сцена“ при Центарот за култура – Битола. Наредниот ден (4 јули), во 19:00 часот, ќе има негово предавање и промоција на книга што ја анализира состојбата околу изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект.
„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историјата и припадноста, нивното бележење, опстојување и бришење. Во фокусот на овој проект се две збирки на цртежи и нивното просторно осмислување. Една од збирките е колекција цртежи изработени со јаглен од Талевски, а другата збирка е имагинативен дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски околу изгубените цртежи на еминентниот автор и собирач на народно творештво, Марко Цепенков. Почнувајќи од 2015 година, при своите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, Талевски со своите цртежи ги бележи времето и просторот преку претставување реакции кон различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Создавањето на овие цртежи почнало како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, на овие два града, Битола и Филаделфија, овозможувајќи откривање на неочекувани вкрстувања. Овој процес генерира еден вид меѓупростор што обединува неспојливи елементи, идеи, настани и идентитети. Згора на тоа, овие цртежи ги следат реверберациите и одгласите што се чувствуваат во физичката средина. Постапката е слична на онаа на хаику поетиката: неримувана и фрагментарна, со акцент на времето и на просторот.

Паралелно со овој циклус, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување околу изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво, Марко Цепенков. Покрај тоа што работел како кројач, Цепенков патувал низ многу села и градови во Македонија и не само што запишувал усни преданија од различен карактер туку и изработувал цртежи, кои претставуваат редок пример на профан ликовен израз од тој период во регионот. Цртежите на Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, облека и обредни орудија. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков во овој проект се претставени преку долгогодишната соработка, односно дијалог на Талевски со Васко Дуковски. За овој изложбен проект, творештвото на Дуковски започнува со активирање на цртежот на Цепенков — дијаграм за детска игра под името „Дама со девет камења“. Овој дијаграм функционира како нацрт за девет други звучни композиции на Дуковским кои, изведени истовремено, ги следат правилата на оваа конкретна детска игра за да создадат повеќеслојна констелација, налик на симфонија. Деветте звучни дела се толкување на девет други цртежи на Цепенков избрани од Дуковски.
Дама со девет камења, забележана од Цепенков во Македонија помеѓу деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, е детска игра за двајца играчи со два сета од по девет камења во две различни бои, поставени наспроти дијаграм рачно нацртан на подот. Дуковски користи дигитални технологии и рачно изработени инструменти за да генерира звуци што истовремено ги имитираат и реагираат на различните структурни карактеристики на субјектите прикажани во цртежите на Цепенков. Користејќи мешавина од теренски снимки направени во текот на својот престој во Њујорк, Шангај и во Охрид, заедно со антологија на снимки на македонска народна музика од средината на дваесеттиот век, Дуковски генерира звучни партитури што го документираат неговиот процес на експериментирање. Комбинирајќи го звукот и визуелната форма, звучните партитури на Дуковски се претстави на звукот во цртана форма кои рефлектираат врз самиот материјал; во исто време, тие се уметнички дела сами по себе.
„Дамата со девет камења“, како дијаграм впишан на подот на галеријата во рамките на овој аудиовизуелен проект во „Нова сцена“ станува медитација за преносот, трансформацијата и темпоралноста (минувањето на времето). Проектот „Дама со девет камења“ го третира цртежот како кревок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и на општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот при Центарот за култура – Битола, всушност, претставува адаптација и нова обработка на делото претходно претставено пред публиката во МАНУ како академски труд во 2020 година, во Центарот за графика во Филаделфија, САД, во септември 2021 и во „Чифте амам“ во Скопје во 2022 година.

Иванчо Талевски (1983) е мултидисциплинарен ликовен уметник и просветен работник што живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Негови дела и проекти биле изложени во голем број интернационални музеи и галерии, на биеналиња и изложби – во Центарот за цртеж во Њујорк, Центарот за графика во Филаделфија, Музејот на графика во Гуанлан во Кина, „Чифте амам“ во Скопје, Интернационалниот центар за графика во Њујорк, Музејот за уметност на Сеул во Кореја… Добитник е на многу награди, признанија и грантови од различни фондации и институции.
Васко Дуковски (1984), пак, по потекло од Охрид, е мултидисциплинарен музичар и композитор што живее и работи во Шангај, Кина. Од 2020 година тој е професор по кларинет на Музичката академија при Универзитетот за уметности „Нанџинг“ во Кина.












