понеделник, јуни 8, 2026
Дома КУЛТУРА Да читаме, нема нешто поубаво во животот; Во НУБ, одбележан Светскиот ден...

Да читаме, нема нешто поубаво во животот; Во НУБ, одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

804

– Нашата мисија не е само да чуваме книги на полиците, туку да го чуваме духот на писменоста, да го заштитиме културното наследство и да овозможиме пристап до знаењето за сите генерации. Токму затоа е важно да ја приближуваме книгата до граѓаните: до децата, кои допрва го откриваат чудото на читањето; до младите, кои го бараат својот глас; до возрасните, кои во книгата бараат смисла, утеха или нов хоризонт, рече Јовица Никчевски, директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, на свечениот настан на кој се одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право

– Дваесет и трети април има особено место во светската култура и го одбележуваме како Светски ден на книгата и авторското право. Прогласен од УНЕСКО, во 1995 година, како симболичен датум посветен на книгата, авторот и на читањето. Овој датум е поврзан со имињата на неколку великани на светската книжевност, меѓу кои Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир, чии дела и денес нè учат дека пишаниот збор има моќ да го надживее времето, рече Јовица Никчевски, директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје на денешниот свечен настан што се одржа во оваа институција.

Како што додаде Никчевски, во време на брзи информации, кратки форми и постојана врева, книгата нè повикува на нешто сè поретко, но сè поважно: внимание, длабочина и разбирање.

– Денес, кога го славиме значењето на книгата, со исто внимание мораме да зборуваме и за авторското право. Зад секое дело стојат трудот, знаењето, талентот, времето и храброста. Да се почитува авторското право, значи да се почитува креативниот труд, достоинството на авторот и правото идејата да остане препознаена како нечие создавање. Општеството ја вреднува книгата, но мора да го вреднува и оној што ја создал, додаде Никчевски.

Истакна и дека Национална библиотека има голема одговорност.

– Нашата мисија не е само да чуваме книги на полиците, туку да го чуваме духот на писменоста, да го заштитиме културното наследство и да овозможиме пристап до знаењето за сите генерации. Библиотеката не е тивок магацин на минатото. Таа е жив простор на средба, учење, истражување, разговор и културна размена. Токму затоа е важно книгата да ја приближуваме до граѓаните: до децата, кои допрва го откриваат чудото на читањето; до младите, кои го бараат својот глас; до возрасните, кои во книгата бараат смисла, утеха или нов хоризонт.

На традиционалната манифестација во НУБ на која се делеа книги и рози и на која се испратија многу пораки за важноста на читањето, особено кај младите, пред собраните гости се обратија и македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, и амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата земја, Рафаел Соријано Ортис.

На задоволство на присутните, македонската претседателка прочита извадок од капиталното дело „Дон Кихот“ на Сервантес.

– Каква е моќта на оваа книга, може многу лесно да се утврди. Сите ние секојдневно во животот употребуваме изрази за личности, се разбира алегорично: „Звучиш како Санчо Панса“ или „Ти си прав Дон Кихот“ или „Каква Дулсинеја“. Се согласувам дека ова е голем ден. Јас само сакам да кажам дека не се работи само за Денот на книгата и за авторското право или како што ние, правниците, доследно велиме – интелектуалната сопственост, бидејќи веројатно тоа е најнезаштитената, а највредната сопственост. Ние сè уште не сме го осознале тоа, затоа треба да читаме книги од областа на правото. Туку, ова е и Ден на шпанскиот јазик, што е многу важно, но и Ден на Сервантес, истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека ако знаеме колку луѓе на планетава го говорат шпанскиот јазик, и ние треба овде во поголема мера да му посветиме внимание, оти книгите во оригинал се сигурно прекрасни.

Претседателската, во обраќањето, нагласи и дека секоја книга е како огледало.

– Читајќи ја, си го гледате одразот. Некогаш сте среќни препознавајќи се во доброто, некогаш несреќни. Значи, учиме од книгите. Она што мене ми се допаѓа е мислата на Борхес, кој вели: „Сигурно рајот личи на библиотека“. Јас сум убедена дека е така. Волтер, пак, велел дека книгата и танцот се најважните нешта во животот. Ќе завршам со мисла од еден непознат автор: „За да станете умни, треба да прочитате барем десет книги. Ама за да ги најдете тие ваши десет книги, треба да прочитате илјадници“. Значи – да читаме. Нема нешто поубаво во животот, рече претседателката.

Со интересната мисла на Сервантес „…и бидејќи Дон Кихот малку спиеше, а многу читаше, мозокот му се исуши толку што сосема си го изгуби паметот…“ таа го заврши извадокот од „Дон Кихот“ и обраќајќи му се амбасадорот Соријано Ортис со насмевка го праша: Да не влегов во вашиот дел од обраќањето?

Шпанскиот амбасадор, пак, ѝ се заблагодари на македонската претседателка што прва прочита извадок од „Дон Кихот“, што претставува традиција на тоа како во Шпанија се прославува Денот на книгата, но и за нејзиното присуство што претставува доказ за нејзината непоколеблива посветеност на промоција на културата.

– Денес, овде во Скопје, како и секоја година, во Амбасадата на Шпанија го одбележуваме Светскиот ден на книгата, заедно со НУБ „Св. Климент Охридски“. Изборот на 23 април се должи на тоа што, наводно, на 23 април во 1616 година, починале три големи имиња на светската литература: Мигел де Сервантес, Вилијам Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега. Денот е прослава на книгите и на литературата, чија главна цел е да го промовира читањето, особено кај помладите генерации. Читањето книги, во време на мобилни телефони и екрани, е речиси револуционерен чин. Читањето нè прави подобри и послободни, додаде амбасадорот.

Како што истакна, Сервантес во своето бесмртно дело раскажува дека на Дон Кихот му се исушил мозокот од малку спиење и од многу читање, така што го изгубил разумот.

– Но, не е така, драги пријатели. Читањето е врата кон знаењето, активност што нè поврзува со генерациите што ни претходеле, што нè прави преносители на приказни и вредности и што, несомнено, нè прави подобри. Читањето книга, е во суштината, нешто длабоко човечко, заврши амбасадорот Соријано Ортис.

Автор на годинашната македонската порака по повод Денот на книгата е Иван Шопов, која писателот на настанот ја прочита лично.

– Читањето денес е мал бунт. Тивок и тврдоглав. Одбивање да се препуштиш на инстант-културата, зашто книгата бара трпение. Се навраќам кон детството и со насмевка си спомнувам дека раните читателски искуства ми се поврзани токму со бунтот: се сеќавам на една илустрирана збирка басни, во која најмногу ми се допаѓаше како е нацртан волкот, па инаетливо стоев на ставот дека волкот е крал на животните – тоа мора да е така, штом е нацртан најубаво. Не помагаа објаснувањата на возрасните за хиерархијата и симболиката во басните – ги дочекував со лутење и плачење. И денес, како возрасен, спремен сум да ја бранам таа читателска и толкувачка слобода, правото на пронаоѓање сопствен пат низ приказните, таму каде што се чини дека единствен е само оној претходно пробиениот, рече Шопов. И додаде: Што треба да направиме на Светскиот ден на книгата и авторското право? Ништо спектакуларно. Доволно е само да отвориме некоја книга, без големи очекувања, без сериозни планови. Ако ништо не се случи, во ред е. Ако се случи однекаде да се појави нашиот волк од басните, не мораме никому да му објаснуваме. Ќе се познава.

Инаку, годинава, Националната библиотека преку различни книжевни средби, прошетки низ библиотеката и културни содржини за сите возрасти, стави фокус токму книгата да излезе од своите вообичаени рамки и повторно да стане блиска, достапна и жива меѓу луѓето.

(Н. И. Т.) Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ