Министерството за животна средина и просторно планирање воведува пет дигитални модули во рамките на иницијативата „Зелен пресврт низ дигитализација“, со цел зголемување на транспарентноста, поедноставување на административните постапки и подобрување на управувањето со податоците и на процесите во областа на животната средина. Министерот Муамет Хоџа вчера ги презентираше модулите „Темели“, „Јадро“, „Време“, „Земја“ и „Воздух“, нагласувајќи дека дигитализацијата треба да донесе суштински промени во функционирањето на институциите.
– Дигитализацијата, за нас не е само софтвер. Таа е политичка алатка за правда. Таа е сурова транспарентност. Каде што има дигитален систем, нема простор за криење. Таму завршува неефикасноста на системот – истакна Хоџа.

Првиот модул, „Темели“, ќе овозможи граѓаните, медиумите и граѓанските организации да имаат увид во проектите што ги реализира Министерството, вклучително и нивната финансиска вредност, роковите за реализација, локациите и изворите на финансирање. Целта е јавноста да добие полесен пристап до информациите за проектите и за начинот на кој се трошат јавните средства.
Модулот „Јадро“ предвидува дигитализација на архивата и на просторно-информативниот систем. Преку дигиталната архива ќе биде овозможено електронско следење на предметите, увид во нивниот статус и информации за службеникот задолжен за постапување. Овој процес се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Воедно, дигитализацијата на просторно-информативниот систем е веќе завршена, со што се овозможува подобро управување со геопросторните податоци за заштитените подрачја и поголема транспарентност во постапките поврзани со нив.
Преку модулот „Време“, Министерството се вклучува во реформите за поедноставување на административните постапки и за намалување на бирократското оптоварување за граѓаните. Од околу 30 предвидени чекори за поедноставување на постапките поврзани со Министерството, 15 се планирани во првата фаза, која треба да заврши до крајот на годината.
Модулот „Земја“ е насочен кон дигитално мапирање на дивите депонии во општините и треба да овозможи полесно планирање на средствата и на ресурсите за нивно расчистување, како и подготовка за воспоставување регионални центри за управување со отпад. Функционалноста на платформата ќе биде предмет на консултации со граѓанските организации, Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и со стручната јавност. Реализацијата е предвидена во буџетот за 2027 година, додека паралелно во неколку општини се спроведува пилот-проект за видеонадзор на дивите депонии.
Петтиот модул, „Воздух“, предвидува воспоставување дигитален регистар во кој 140 иматели на А интегрирани еколошки дозволи ќе ги објавуваат податоците за емисиите, согласно со условите утврдени во нивните дозволи. Регистарот е поврзан со Законот за контрола на емисиите во воздухот, кој треба да стапи во сила во септември 2027 година.
Од Министерството најавуваат дека во наредниот период секој од петте модули ќе биде презентиран поединечно, со детални информации за неговата функционалност и за конкретните придобивки за граѓаните.
– Ова не е само дигитализација. Ова е нов вредносен систем. Ова е нашиот зелен пресврт – порача министерот Хоџа.
Со иницијативата „Зелен пресврт низ дигитализација“, Министерството најавува промени насочени кон поголема јавна отчетност, поефикасни институционални процеси и подобра достапност на информациите за животната средина.












