| На тркалезната маса во Загреб, „Македонскиот пат кон ЕУ и хрватското искуство“, беше констатирано дека во Македонија се потребни три работи: политички консензус, работа на реформите и болни компромиси. |
Од нашиот известувач од Загреб,
Милена ГЕОРГИЕВСКА
Силни пораки беа испратени од тркалезната маса „Македонскиот пат кон ЕУ и хрватското искуство“, која се одржа во Загреб, на 26 октомври, во организација на „Хрватско-македонска тангента“ и Хрватската паневропска унија. На настанот, каде што стана збор за оваа исклучително актуелна тема за Македонија, учествуваа угледни учесници и гости. Низ отворена и содржајна расправа, говорниците Маријана Петир, пратеничка во хрватскиот Сабор; Владимир Дробњак, дипломат и главен преговарач на Република Хрватска со ЕУ; Златко Крамариќ, актуелен хрватски амбасадор во Тирана; Емил Крстевски, неодамнешен македонски амбасадор во Чешка и Мирче Адамчевски, политички аналитичар и поранешен главен уредник во „Нова Македонија“, од различни перспективи ги анализираа европскиот пат на Македонија, предизвиците со кои се соочува, но и можностите и перспективите за нејзиното идно членство во Европската Унија
ЕУ – цврста определба на Македонија
Настанот со свои поздравни обраќања го отворија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, кој ја истакна цврстата определба на Македонија за влез во Унијата, Павао Баришиќ, претседател на Хрватската паневропска унија, кој укажа на веродостојноста на политиката за проширување на ЕУ и Сашо Георгиевски, политиколог и претседател на „Хрватско-македонска тангента“, кој рече дека е актуелна темата не само за Македонија туку и за целиот регион.
Секој од соговорниците го изнесе своето видување за процесот на европските интеграции, хрватското искуство, но и важноста на продолжување на реформите и на меѓународната соработка.
За Маријана Петир, европската иднина на Македонија не смее да е заложник на билатералните спорови.

– Македонија веќе 21 година чека остварување на својата европска перспектива. Спроведе бројни реформи и се согласи за тешки компромиси, вклучувајќи ја промената на името на државата, а нејзиниот пат и натаму е блокиран – рече Петир.
Инаку, таа уште кога беше пратеничка во Европскиот парламент, ја основаше и ја водеше групата „Пријатели на Македонија“, залагајќи се за нејзиниот европски пат, меѓусебно разбирање и за почитување на македонскиот идентитет.
– Европската Унија не смее да спроведува двојни критериуми! Билатералните прашања не смеат да бидат пречка за европската интеграција, а националниот идентитет, јазикот и историјата не смеат да бидат предмет на политичко условување – децидна е Петир.
Таа додаде дека Македонија не бара повластици, туку праведен третман, а Хрватска била и останува нејзин искрен пријател.
Болни потези
Владимир Дробњак, дипломат и главен преговарач на Република Хрватска со Европската Унија, говорејќи за хрватското искуство, нагласи дека станува збор за долг процес во кој има многу болни точки. Тој потенцираше дека се потребни три работи во Македонија: политички консензус, работа на реформите и болни компромиси.

– За Хрватска, тоа беше соработката со Трибуналот во Хаг, кој беше многу болен, направен политички потег затоа што без него не би постоеле преговори, а без тоа не би биле таму каде што сме сега – посочи Дробњак.
Тој додаде дека Македонија може да направи голем пробив со големи реформски процеси.
– Колку што повеќе реформи направи, колку што повеќе добри закони донесе, колку што е борбата против корупцијата поефикасна толку ни е нам, пријателите на Македонија, полесно да се бориме за неа, а нашите аргументи добиваат оправданост – вели Дробњак.
Тој рече дека е неизвесно како и до кога би се решил проблемот наметнат од Бугарија, а со самото тоа и влезот на Македонија во ЕУ. Дробњак информираше дека во ЕУ постои како идеја да се воведат постепени интеграции, но прашање е дали ќе се согласат земјите членки на ЕУ.
– Идејата е да ѝ се овозможи на земјата кандидат и пред формалното членство, да се вградат одредени политики со кои ќе почувствуваат граѓаните придобивки од членството во Унијата – појасни Дробњак. Исто така, тој спомена дека постои додаток на договорите за пристапување кон ЕУ каде што експлицитна обврска за сите нови држави што ѝ се придружуваат на Унијата е нема да ги водат билатералните прашања како критериум за натамошното проширување на Унијата.
Емил Крстески се надоврза и посочи дека пред неколку дена Австрија, Чешка и Словачка пратиле писмено барање да се отстранат билатералните прашања од патот кон евроинтеграциите.
Долг и заморен процес

Тој потсети на првиот чекор на зачленувањето на Македонија во НАТО, на долгиот процес, при што не беа запоставени преговорите со ЕУ. Крстевски го гледа патот кон ЕУ на три нивоа: прво, членството во ОН, каде што Македонија стана субјект во меѓународната заедница; втор, промената на името, кога ѝ беше ветено на Македонија дека ќе стане полноправна членка на НАТО, а со тоа и на ЕУ, но не се случи тоа, односно се случи само со НАТО и трето, проблемот со идентитетските прашања со Бугарија.
– Овој процес на пристапување кон НАТО и кон ЕУ е еден од најдолгите и насложени политички институционални и општествени трансформации во современото живеење на нашата држава – посочи Крстески.
Тој ги истакна и клучните предизвици што ги обележуваат преговорите со ЕУ, а тоа се билатерализацијата на процесот и прашањето на уставните измени, политичката поларизација во земјата, стопанските предизвици, административните капацитети на земјата, уморот од долгогодишниот процес на почнување на преговорите, скептицизмот кај граѓаните, многу се ветува, а малку се исполнува од ЕУ.
Мирче Адамчевски не е многу оптимист и смета дека Македонија уште 10 години ќе остане надвор од ЕУ.

– ЕУ нема политички став околу проширувањето на Западен Балкан, особено за членството на Македонија. А знаеме дека ЕУ се прошири со нови земји што дојдоа од Исток, а многу од нив не ги исполнуваа условите и Копенкашките критериуми, но постоеше политички став за Бугарија, Романија, балтичките земји. Таков политички став за Македонија нема, како да постои некој вид репресивен став од стара Европа – Холандија, Франција. Сега и Украина и Молдавија отвораат некои кластери, а воопшто не стојат подобро од Македонија, ниту во владеењето на правото, националните малцинства, но политичката волја на Европа е дека треба да влезат тие во ЕУ – рече Адамчевски.
Тој спомена дека на членството на Македонија во ЕУ ќе влијаат и изборите во Србија и резултатите на изборите за претседател во Бугарија.
– Но, нам ни остануваат и домашните задачи: воведување на Бугарите во Уставот, како ќе го решиме тоа, тоа е многу тешка одлука, потоа правосудството, борбата со корупцијата… – додаде Адамчевски.
Политички консензус
Златко Крамариќ упати важна порака до македонските колеги: постоење национално единство внатре во самата Македонија, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да постои политички консензус. Тој го спомена Националниот одбор во Хрватска, составен од позицијата и од опозицијата, каде што на чело беше шефот на опозицијата. Во тој Одбор не биле само пратениците туку била вклучена и академската заедница, синдикатите, работодавците, што се покажало како едно многу позитивно искуство и на тој начин се сензибилизирала хрватската јавност. Крамариќ препорача да се направи тоа и во Македонија.

– Направете сè да се префрлите од чекалницата во главната сала на ЕУ – додаде тој.
На настанот стана збор и за новата српска политика, колку ќе влијае таа на македонскиот пат кон ЕУ.
И додека се чека деблокада за почнување на преговорите на Македонија со ЕУ, ќе бидат потребни голема политичка борба и многу време. Колку ќе се развлече македонскиот случај и ќе оди во недоглед, тоа во моментот никој не може да го предвиди.
На настанот во Загреб присуствуваа академици, претставници на македонската заедница во Хрватска и хрватски пријатели, кои со своето присуство го потврдија интересот за јакнење на хрватско-македонската соработка и дијалогот за европската иднина. Хрватска била и натаму останува силен поддржувач на Македонија и на нејзиниот пат кон ЕУ.
Настанот успешно го модерираше Никола Урукало, уредник и водител во Радио Ритам. Покровител на тркалезната маса беше македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.















