среда, октомври 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пријавени 66.821 граѓани за вакцинација, вакцинирани 3.266

Пријавени 66.821 граѓани за вакцинација, вакцинирани 3.266

ДО КРАЈОТ НА НОЕМВРИ СЕ ОЧЕКУВААТ ВКУПНО 86.000 ВАКЦИНИ ПРОТИВ ГРИП

41

Вкупно 66.821 граѓанин се пријавил за бесплатна вакцинација против сезонски грип, со просек од 4.455 пријави дневно. Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани, информира министерот за здравство Сашо Клековски. Во последните три дена биле вакцинирани по околу илјада граѓани дневно. Од термините што веќе поминале, реализирани се 86,7 отсто, додека 503 граѓани, односно 13,3 проценти, не се појавиле на закажаната вакцинација. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, а по нив следуваат хронично болните. Според местото на пријавување, најмногу граѓани има во Скопје – 19.767, потоа во Битола со 4.845, Прилеп со 3.844, Струмица со 3.585 и Тетово со 3.581 пријавен.

Министерството за здравство склучило договор за набавка на дополнителни 26.000 вакцини од производителот „Санофи“, кои треба да пристигнат до 15 ноември. Со ова, досега се обезбедени вкупно 56.000 вакцини, а до крајот на ноември се очекуваат уште 30.000. Вкупната количина треба да достигне 86.000 вакцини, што е околу 20.000 повеќе од бројот на досега пријавените граѓани.

– Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Словенија и Хрватска ќе започнат со вакцинација во ноември и тоа не е доцна. Вакцини има доволно за сите пријавени, затоа ги молам граѓаните за трпение – секој ќе биде повикан на термин – изјави Клековски.

Тој информира дека од оваа недела тимови на здравствените домови вршат вакцинација и во домовите за стари лица, а од следната недела ќе започне и вакцинацијата во центрите за дијализа. Од Министерството ги повикаа граѓаните што не можат да дојдат на закажаниот термин навреме да го откажат, за местото да му биде доделено на друг пријавен. Се очекува бројот на дневни вакцинации да се зголеми на околу 1.700.

ИЗДВОЕНИ