понеделник, јуни 8, 2026
Дома СВЕТ САД имаат нова стратегија: ако не можат да го поразат Иран со...

САД имаат нова стратегија: ако не можат да го поразат Иран со оружје, ќе го покорат со глад

1253
EPA/ANDY RAIN

За неколку дена, складиштето на островот Харг ќе биде пополнето, а иранските нафтени извори ќе бидат затворени. Ограничувањето на иранската поморска трговија директно ги „таргетира“ главните извори на приходи на режимот – објави министерот за финансии на САД, Скот Бесент. Првичните анализи сугерираат дека ако продолжи сегашната ситуација „без војна, без мир“, цените во Иран би можеле да се зголемат тројно во текот на годината. Од друга страна, иранската агенција „Фарс“ објави дека во четвртокот првпат било наплатено за премин на бродови низ Хормускиот Проток и без да ја прецизира сумата, наведе дека парите се веќе на сметката на централната банка. Според непотврдени информации, тарифата за еден брод е два милиони долари

 

Америка има нова стратегија за соборување на иранскиот режим. Доколку не можат да ја уништат одбраната на државата, САД ќе се обидат да ја уништат нејзината економија и да предизвикаат социјални немири, што ќе го собори воено-теократскиот режим во Техеран.

Во Вашингтон повеќе не ја кријат оваа стратегија, дури и ако тоа значи гладување на населението на Иран, пишува „Јутарњи“. Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека верува дека „за неколку дена“ блокадата на иранските пристаништа ќе го принуди Иран да го запре производството на нафта. Бесент потсети дека претседателот Доналд Трамп јасно ставил до знаење дека американската морнарица ќе продолжи да ги блокира иранските пристаништа.

– За неколку дена, складиштето на островот Харг ќе биде пополнето, а иранските нафтени извори ќе бидат затворени. Ограничувањето на иранската поморска трговија директно ги „таргетира“ главните извори на приходи на режимот – напиша Бесент на платформата „Икс“.

Тој додаде дека Министерството за финансии на САД ќе продолжи да врши максимален притисок за систематски да ја ослаби способноста на Техеран да генерира и да движи средства.

– Секое лице или брод што ги олеснува овие текови, преку тајна трговија и финансии, ризикува да биде предмет на санкции од САД. Ние продолжуваме да ги замрзнуваме средствата украдени од корумпираното раководство, во интерес на иранскиот народ“ – наведе Бесент.

Во интервју за телевизиската мрежа Си-ен-би-си, Трамп, исто така, рече дека „блокадата беше огромен успех“ и додаде дека нема да ја укине американската забрана во Хормускиот Проток сè додека Вашингтон не постигне „конечен договор“ со Иран.

Првичните анализи сугерираат дека ако продолжи сегашната ситуација „без војна, без мир“, цените во Иран би можеле да се зголемат тројно во текот на годината. Во случај на нов конфликт, се очекува месечната инфлација да надмине 20 проценти, што би довело до годишно зголемување на цените од речиси 500 проценти. На економијата на Иран ѝ се заканува колапс поради можното продолжување на војната, санкциите, американската блокада, но и одлуката на Иран да не дозволи сообраќај низ Хормускиот Проток, наведува „Јутарњи“. Миад Малеки, виш соработник на Фондацијата за одбрана на демократиите и поранешен виш стратег за санкции во Министерството за финансии на САД, на конференција во Вашингтон, на која се дискутираше за ситуацијата во Иран, процени дека комбинацијата од наведените фактори предизвикува штета на иранската економија во износ од 455 милиони долари секој ден, по 13 април, кога беше воведена блокадата на САД.

Од друга страна, заменик-претседателот на Парламентот, Хамидрез Хаџибабаеи, објави дека во четвртокот првпат Иран остварил приход од патарините за премин на бродови низ Хормиускиот Проток. Тој наведе дека средствата веќе се уплатени на сметката на централната банка, а иранските медиуми ја пренесоа неговата изјава без дополнителни детали за износот на приходите или за начинот на наплата, објави иранската агенција „Фарс“. Претходно имаше неофицијални информации дека тарифата за еден брод со нафта и гас е два милиони долари. Ден претходно, само седум брода поминаа низ Хормускиот Проток, додека во исто време припадниците на Иранската револуционерна гарда запленија два и отворија оган врз еден танкер. Акцијата на иранските специјални сили следуваше по одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја продолжи блокадата на иранските пристаништа на неодредено време, што, во исто време, го одложи почетокот на преговорите меѓу САД и Иран, кои кинеските и пакистанските дипломати се обидуваат да ги организираат со недели.

 

ИЗДВОЕНИ