понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАГАЗИН Таско и Теа пред налетот на топлиот езерски бран – песната „Луда“...

Таско и Теа пред налетот на топлиот езерски бран – песната „Луда“ има летен, охридски шмек

55

По силниот одѕив на „Сатурн“, нивниот прв заеднички хит што природно си го најде патот до публиката, Таско и Теа продолжуваат со уште поизразена, порелаксирана музичка приказна. „Луда“ е музички дијалог без маски, искрен, динамичен и полн со напнатост меѓу разумот и страста                         Со мирисот на летото во најава, со пулсот на урбаната љубов и со рефрен што лесно влегува во уво, Христијан Тасковски-Таско повторно ги спојува своите емоции со згодната Теа Трајковска во новата песна „Луда“. Тивко и сигурно влегува под кожа.

По силниот одѕив на „Сатурн“, нивниот прв заеднички хит што природно си го најде патот до публиката, Таско и Теа продолжуваат со уште поизразена, порелаксирана музичка приказна. „Луда“ е музички дијалог без маски, искрен, динамичен и полн со напнатост меѓу разумот и страста. Тој признава „по тебе луд јас“, таа возвраќа „по тебе луда“ и токму во таа едноставна, но силна размена се крие суштината на нивната хемија.

Рефренот се развива како интимна мантра, која се повторува со леснотија и останува долго по последната нота: „Ти си таа, ти си таа / Ти си тој, ти си тој…“ – јасен, чист израз на емоција што не бара објаснување. „Дај обој го светот мој / во сите разни бои“ звучи како повик кон љубов што не стравува да биде видена.

Во овие строфи, Таско внимателно ја отвора личната ранливост, поставувајќи прашања што одекнуваат и надвор од песната: „И кога сите ќе ме предадат, дали би ме издала?“ Наспроти него, Теа носи смирена, но одлучна енергија, препуштајќи му се на чувството без задршка: „На секој допир твој, глеј целата се предавам“. Токму во таа рамнотежа помеѓу нежноста и импулсот, нивните гласови се спојуваат во една компактна, автентична целина.

Визуелната приказна на „Луда“ е сместена во атрактивниот Охрид, на нашето „море“. Снимените кадри навистина оставаат впечаток како да сте на море. И тука, покрај езерото, каменот, плажите и староградската архитектура создаваат природна и визуелно топла летна заднина за оваа емотивна приказна. Летната езерска атмосфера и урбано-романтичниот дух на градот не се само сценографија туку и продолжение на нивната љубовна енергија низ песна. Зад камерата стои Никола Наумовски, кој со модерен и динамичен пристап ги доловува хемијата и енергијата што Таско и Теа ги носат – без вишок, но со стил.

Авторски, ова е нивна заедничка исповед – текстот го потпишуваат двајцата, додека за звукот, аранжманот и миксот се погрижи Лазар Цветковски, кој ѝ дава на „Луда“ современ, моќен и радиофоничен карактер.

„Луда“ е уште една потврда дека кога е искрена емоцијата, а хемијата вистинска, музиката сама си го наоѓа патот до публиката – тивко, но сигурно. А, Таско и Теа, двајцата згодни и привлечни, летно расположени, очигледно, знаат дека понекогаш најдобри приказни се оние во кои си дозволуваш да бидеш… малку луд. На свој начин и на задоволство на обожавателите.

ИЗДВОЕНИ