Живко Поповски-Цветин, македонски уметник и хуманист, изработи 35-метарска мироцветна патека по повод три и пол децении македонска независност. Оваа цветна патека, според него, претставува симбол на мирољубивиот македонски народ и сите народности што живеат во Македонија.
– Во сите овие триесет и пет години, како македонски народ, покажавме и докажавме дека чекориме по цветната патека на мирот. Ние сме мирољубив народ, кој создава дополнителна вредност, се грижи за своето утре, кроток по природа. Нека ни е честито одбележувањето на независноста и да славиме уште многу вакви јубилејни денови. Оваа патека им ја посветувам на граѓаните на Македонија со апел да продолжат да се грижат и да работат на остварувањето мир во светот – вели Поповски-Цветин.
Мироцветната патека ќе биде промовирана на улицата „Македонија“, во училиштата, здруженијата на граѓани, на промоциите на книги и на други настани, секако проследена со поезија, песна и со музика.
Живко Поповски-Цветин е уметник, сликар и хуманист и кандидат за Нобеловата награда за мир. Во македонската и во пошироката светска јавност е познат и почитуван по хуманата акција – мисијата „Цвеќето на мирот“.
Во Македонија и во странство има реализирано повеќе од 300 изложби. Во изминатите години творештво, тој има подарено повеќе од 70.000 слики, кои се наоѓаат во домовите на претседатели на држави, парламентарци, уметници, поети, музичари, спортисти и на многу институции и поединци, зрачејќи со позитивна енергија












