| Истражување на „Ипсос Скопје“ |
Македонските граѓани се особено ригорозни кога станува збор за одредувањето на возрасната граница за употреба на социјалните мрежи кај децата, покажува националното истражување за ставовите на македонските граѓани за ова прашање што го спроведе „Ипсос Скопје“. Мнозинството смета дека пристапот до социјалните мрежи треба да биде забранет за децата до 14-16 години, што е во согласност со законодавните иницијативи во повеќето европски земји. Според резултатите од истражувањето на „Ипсос Скопје“, во време кога сè повеќе европски земји воведуваат строги регулативи за употребата на социјалните мрежи кај децата, Македонија е меѓу најригорозните земји во Европа, на исто ниво со Франција.
– Резултатите од ова истражување јасно покажуваат дека македонската јавност има цврст и недвосмислен став кога станува збор за онлајн безбедноста на децата. Дури 82 % од граѓаните ја поддржуваат забраната за користење социјални мрежи кај малолетниците, што нè позиционира рамо до рамо со Франција, меѓу најригорозните земји во Европа. Она што е особено значајно е единството на ставовите. Без разлика на возраста, образованието, регионот или дали имаат деца во домаќинството, поддршката е речиси универзална. Мнозинството граѓани сметаат дека границата треба да биде поставена на 14-16 години, а три четвртини бараат и ограничување на паметните телефони. Овие наоди укажуваат на длабока општествена загриженост за влијанието на дигиталниот свет врз најмладите и на јасна потреба за посериозна дискусија за регулација на онлајн просторот за децата во Македонија – изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на „Ипсос Скопје“, Билјана Петрова.
Истражувањето, исто така, покажува голема и едногласна поддршка за регулирање на пристапот на малолетниците до социјалните мрежи. Секој осми граѓанин ја поддржува забраната за децата под 18 години, при што оваа поддршка доаѓа подеднакво од сите генерации, региони и образовни нивоа – без разлика дали имаат деца на училишна возраст во домаќинството или не. Единствено помладата генерација (15-24 години) покажува нешто помала поддршка, додека високообразованите се најгласни поддржувачи на оваа идеја, со 91 % поддршка.
Според податоците, уште поизразена е поддршката за ограничување на употребата на паметните телефони кај малолетниците во училиштата и надвор од нив. Повеќе од три четвртини од граѓаните сметаат дека е потребно воведување забрана, што, според истражувачите, укажува на длабока загриженост на јавноста за влијанието на мобилните уреди врз развојот на децата.
Кога станува збор за влијанието на модерните технологии, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, врз иднината на образованието, секој втор граѓанин верува дека ова влијание ќе биде повеќе негативно отколку позитивно – значително повисоко од глобалниот просек.
Сепак, родителите на деца на училишна возраст имаат понијансиран став. Тие почесто сметаат дека влијанието на технологијата ќе биде и позитивно и негативно и покажуваат поголема отвореност кон потенцијалните придобивки, во споредба со граѓаните без деца. (Р.В.)












