Италијанската премиерка Џорџа Мелони во понеделник изјави дека нема да поддржи потенцијална одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на американските трупи од Италија.
„Тоа е одлука што не зависи од мене и со која јас лично не би се согласила“, изјави Мелони за новинарите во ерменскиот главен град Ереван, на маргините на самитот на Европската политичка заедница.
Минатата недела американскиот претседател беше прашан дали Вашингтон ќе разгледа повлекување на своите трупи од Италија и Шпанија, а Трамп одговори „веројатно“.
„Италија воопшто не ни помогна, а Шпанија беше ужасна, апсолутно ужасна“, изјави тој пред новинарите во саботата.
Пентагон во петокот објави дека САД ќе го намалат своето воено присуство во Германија, нивната најголема европска база, за 5.000 војници.
Трамп во саботата изјави дека ќе го намали бројот на војници во Германија за „далеку повеќе“ од 5.000.
Трамп се закани дека ќе го намали бројот на американски војници во Германија и други европски земји за време на двата негови мандати во Белата куќа, тврдејќи дека сака Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, наместо да се потпира на Вашингтон.
Сега се чини дека се обидува да ги казни сојузниците кои не го поддржале во војната на Блискиот Исток или не придонеле за мировните сили во клучниот Ормутски теснец, кој иранските сили го затворија, пренесува АФП.












