Според анализа на „Ројтерс“, Трамп, веројатно, повторно ќе ја претстави како победа воената кампања, која, кога ја почна, вети дека ќе биде завршена за неколку недели. Конфликтот, сепак, прерасна во напнат застој, без да се постигнат целите на Трамп, кои се менуваа, додека ракетните резерви на Пентагон се исцрпуваа. В среда, ден по говорот на Трамп, обраќање ќе има иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан
Светската политичка елита почна да се собира во Њујорк, каде што во вторник ќе почне неколкудневното Генерално собрание на Обединетите нации. „Обнова на довербата, управување со промените: Обединети нации што работат за сите“ е темата на годинашната сесија, но се очекува во фокусот да бидат Иран, Газа, Украина и вештачката интелигенција, а да не се избегнат ниту климатските промени, како и тоа кој ќе го наследи генералниот секретар, Антонио Гутереш.
Сепак, очите се вперени во американскиот претседател, Доналд Трамп. Сите се прашуваат што ќе зборува тој откако во обраќањето пред ОН минатата година се фалеше со американското бомбардирање на нуклеарните постројки на Иран, извршено само неколку месеци претходно и тврдеше дека „сè е целосно уништено“ и дека воспоставил мир меѓу Израел и Иран. Една година по тој говор, кога ќе се врати на говорницата на ОН, во вторник, Трамп ќе се соочи со исклучително скептична публика, која е сè повеќе загрижена за повеќемесечната војна меѓу американските сили и зајакнатиот Иран, за зголемената регионална нестабилност и за нуклеарната закана, која, и покрај неговите тврдења, не исчезнала, пишува „Ројтерс“. Во својата анализа агенцијата наведува дека иако претрпил тешки воени и економски удари, Техеран останал пркосен, прекинувајќи ги испораките на нафта низ Хормускиот Проток, а во последните денови добил нова моќ додека неговите сојузници, Хутите во Јемен, ја консолидираат контролата врз клучен поморски премин во Црвеното Море, дополнително зголемувајќи ги глобалните цени на енергијата. Напредокот на Хутите го става Трамп во сè потешка позиција поради непопуларниот конфликт, му зададе удар на сојузникот на САД, Саудиска Арабија, и ги разоткри границите на способноста на Вашингтон да ги заштити своите регионални партнери. Повеќето европски и азиски сојузници ги отфрлија барањата на Трамп за помош во конфликтот што почна без консултација со нив и имаше штетни последици за нивните економии.
А, со високи цени на бензинот во САД и со ниски рејтинзи на одобрување, Трамп би можел да ја плати политичката цена на ноемвриските конгресни избори на средината од неговиот претседателски мандат, кога би можела да биде доведена во прашање контролата на неговата Републиканска партија врз Конгресот, наведува „Ројтерс“.
– Гледаме што се случува кога ќе почне претседателот војна по свој избор, без претходно да ги предвиди ненамерните последици – рече Арон Дејвид Милер, поранешен советник за политика на Блискиот Исток и во републиканската и во демократската администрација.
Според анализата на „Ројтерс“, во својот говор на годишниот собир на шефови на држави и на влади во Њујорк, Трамп, веројатно, повторно ќе ја претстави како победа воената кампања, која, кога ја почна, вети дека ќе биде завршена за неколку недели. Конфликтот, сепак, прерасна во напнат застој, без да се постигнат целите на Трамп, кои се менуваа, додека ракетните резерви на Пентагон се исцрпуваа. Иран нема да му дозволи да се извлече со тоа сè додека има доволно влијание да им нанесе политичка штета на изборите за Конгресот и ефикасно да го направи немоќен до крајот на својот мандат. Проблемите на Трамп само се продлабочија откако борците на Хутите ги совладаа јеменските владини сили поддржани од Саудиска Арабија, напредуваа по брегот на Црвеното Море и ги зазедоа островите на влезот во протокот Баб ел Мандеб, клучен поморски коридор, давајќи му на Иран дополнителна можност да ги загрози глобалните резерви на нафта.
Темата Иран беше само мал дел од говорот на Трамп на минатогодишната сесија на Генералното собрание на ОН. Тогаш тој раскажа како, три месеци претходно, испратил бомбардери Б-2 да фрлаат бомби со тежина од околу 13.600 килограми, со што го „уништи“ капацитетот за збогатување ураниум на Техеран. Сепак, експертите открија дека нападите само сериозно ја попречиле таа програма.
– Ниту една друга земја во светот не можеше да го направи она што го направивме ние – рече Трамп, претставувајќи се како миротворец, повторувајќи ги тврдењата дека ги завршил конфликтите низ целиот свет, вклучително и 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во 2025 година, и повторно инсистирајќи дека треба да ја добие Нобеловата награда за мир.
Сега аналитичарите предупредуваат дека конфликтот, веројатно, ќе продолжи долго по среднорочните конгресни избори.
Седум месеци по почетокот на војната, в среда, еден ден по Трамп, на Генералното собрание треба да се обрати иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан. Администрацијата на Трамп објави дека ќе ѝ биде дозволено на главната иранска делегација да присуствува на сесијата на Генералното собрание, па Пезешкијан и министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, исто така ќе добијат визи.












