Екипата на Севиља загуби од Барселона со 1:3, но тренерот Луис Гарсија Плаза, по натпреварот, имаше само пофални зборови за каталонскиот гигант, а особено за Рафиња. Бразилецот постигна хет-трик и беше клучниот човек во победата на гостите. Андалузијците одиграа одлично прво полувреме и успеаја сериозно да ѝ се спротивстават на Барселона. Според Гарсија Плаза, неговиот тим дури можел да замине на пауза со предност од два гола.

  • Требаше да заминеме на пауза со водство од 2:1 или 3:1, тогаш приказната ќе беше поинаква. Првото полувреме беше навистина одлично и одиграно на многу високо ниво – изјави тренерот на Севиља.

Сепак, во второто полувреме до израз дојде квалитетот на Барселона. Каталонците го подигнаа темпото, а Севиља повеќе не успеваше да го следи ритамот на противникот.

Гарсија Плаза призна дека е исклучително тешко да се игра против ваква Барселона, особено кога ќе почне тимот да ги губи силата и концентрацијата.

  • Овој тим е создаден за висок пресинг и за постојан напад. Тоа му е во природата. Но, штом почнат да опаѓаат силата и прецизноста, тој те „убива“, бидејќи е навистина, навистина добар – порача тој.

И покрај поразот, тренерот беше горд на своите фудбалери и на начинот на кој се бореле против каталонската екипа. Сепак, главната тема по натпреварот беше Рафиња. Бразилецот со три гола практично сам ја реши средбата и уште еднаш покажа зошто е еден од најважните играчи на Барселона. Токму неговото отсуство од листата на номинирани за „Златната топка“ не му е јасно на Гарсија Плаза.

  • Има работи во фудбалот што сè уште не ги разбирам. Не ми е јасно зошто не беше номиниран тој играч за „Златната топка“ – изјави тренерот.

Потоа следуваше уште поостар коментар од шпанскиот стратег.

  • Тоа е фарса. Тој е играч што прави разлика. Тој прави сè на теренот. Затоа и не верувам во тие награди – додаде Гарсија Плаза.

За него, Рафиња е токму типот на фудбалер што со еден потег може да го промени текот на натпреварот. Хет-трикот против Севиља беше уште една потврда за неговата важност во составот на Барселона.

Гарсија Плаза призна дека Севиља можела да има поинаков резултат доколку подобро го искористела првото полувреме, но квалитетот на Рафиња и на другите играчи на Барселона на крајот направил разлика.

По ваквата партија, неговата порака беше јасна: за него, Рафиња заслужуваше да биде меѓу најголемите имиња во борбата за престижното индивидуално признание.

ИЗДВОЕНИ