Општина Центар и ова лето обезбеди згрижување на децата од училишна возраст до 10 години во градинките, како поддршка за семејствата во текот на распустот.
– Згрижени се 116 деца во градинките „13 Ноември“, „Кочо Рацин“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде што го поминуваат времето во безбедна средина, преку разни активности приспособени на нивната возраст – велат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека Општина Центар останува единствената локална самоуправа во државата што организира ваков тип летно згрижување за децата од училишна возраст, со цел да обезбеди континуирана грижа за семејствата и во летниот период.
– Им излегуваме во пресрет на родителите, кои поради работните обврски имаат потреба од згрижување на своите деца во текот на летото. Со оваа мерка, им помагаме на семејствата полесно да се организираат, а на децата им овозможуваме едукативни и квалитетни содржини во нашите воспитно-образовни установи – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.












