Општина Центар ќе ја афирмира и приближи рок-музиката до граѓаните, со што ќе им даде поддршка на младите музичари, кои сè уште се едуцираат и го бараат своето место на македонската сцена.
За таа цел е објавен јавен повик, преку кој локалната самоуправа ќе додели финансиска поддршка за реализирање на проектот „Звукот на иднината (We Will Rock You)“.
– Планираме концерт во времетраење од два часа, на кој ќе настапат млади македонски музички таленти. Тие ќе изведат 25 композиции, кавер-верзии на легендарни рок-бендови и артисти и ќе имаат можност да се претстават пред пошироката јавност и да покажат што умеат – рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Предвидено е настанот да се одржи на 7 јуни 2026 година, во Паркот на франкофонијата, а Општина Центар ќе обезбеди озвучување и осветлување.
Пријавите со целокупната документација се поднесуваат во рок од пет дена од објавувањето на повикот, по пошта или директно во архивата на Општина Центар.
– Со овој повик, Општина Центар продолжува со ангажманот за поддршка на младите и за развој на современата културна сцена – потенцираат од локалната самоуправа.












