Повеќе од 140 љубители на планинското трчање од Македонија и од странство, вчера, учествуваа на „Гратче треил“, во организација на клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ од Кочани, со Општина Кочани како главен покровител.
Патеката долга 18 километри, по ридско-планински терен со висинска разлика од над 750 метри, беше предизвик за издржливоста и подготвеноста на учесниците, но и можност за доживување на природните убавини на пределот околу езерото Гратче.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, ги додели наградите на најуспешните натпреварувачи и ја истакна својата поддршка за ваквите настани и иницијативи, кои го поттикнуваат спортскиот дух и придонесуваат за промоција на Кочани. Тој нагласи дека Општината ќе продолжи да ги поддржува организаторите во нивните заложби за развој на спортот и рекреацијата.
Зад реализацијата на настанот стојат членовите на „Осоговски орел“, предводени од претседателот, Гоце Тошев, кои со својот ангажман придонесуваат за развојот на планинското трчање и за промоцијата на кочанскиот крај.
Општина Кочани им честита на учесниците и на организаторите за успешно реализираниот настан.












