Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, преку соопштение до јавноста го изнесе својот став во врска со отворањето на рудникот за антимон и ги разјасни дилемите што ги отвори СДСМ околу можен референдум, како и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека градоначалникот не е против реализација на проектот, дадени во неделата.

Во детална изјава, Митовски нагласи дека не треба да се сведува прашањето за рудникот на дневнополитички пресметки, туку да се разгледува низ призма на развој и одговорност.

– Крива Паланка е рударски град. Тоа не е само економска категорија, тоа е и дел од нашиот идентитет, нашата традиција и начинот на кој се развивал овој крај со децении – истакна Митовски.

Тој потенцира дека локалната економија има потреба од сериозни инвестиции, особено поради ограничените можности за развој на класичната индустрија.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски

– Секоја стратешка инвестиција што може да отвори нови работни места, да поттикне економска активност, да ја зајакне локалната економија и да придонесе за финансиска стабилност на Општината, заслужува внимателна, транспарентна и одговорна анализа. Дополнително, доколку се потврдат анализите дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта на антимон, тоа отвора сериозна развојна перспектива и значајни придобивки за граѓаните на Крива Паланка – истакна Митовски. Сепак, тој беше дециден дека здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина остануваат приоритет.

– Мојата обврска како градоначалник е јасна и недвосмислена: да ги заштитам здравјето на граѓаните и животната средина. Тука нема компромис – нагласи тој.

Во однос на условите под кои би се реализирал проектот, Митовски истакна дека ќе инсистира на највисоки стандарди.

– Вакви инвестиции може да се реализираат исклучиво под строго утврдени услови, со затворен процес на производство, без испуштање штетни материи и со цврсти финансиски гаранции за евентуална штета – изјави градоначалникот.

Тој додаде дека клучна е улогата на стручната јавност.

– Ова не е прашање што смее да се сведе на едноставно „за“ или против. Ова е прашање што бара знаење, факти, технологија и одговорност – посочи Митовски.

Осврнувајќи се на барањата на СДСМ за референдум, тој оцени дека тоа е легитимно демократско право.

– Организирањето референдум е уставно и законски гарантирано право и никој не смее да го спори. Доколку има иницијатива, таа треба да се почитува – вели тој, сметајќи дека граѓаните мора да бидат целосно информирани пред носењето одлука.

Во неделата, од СДСМ, која е матична партија на Митовски, побараа локален референдум за најавеното отворање на рудникот кај селото Луке, нагласувајќи дека треба да се реализира проектот само доколку се исполнат строгите услови за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Од партијата предупредија дека економската корист не смее да биде единствениот аргумент ако постојат ризици од загадување и долгорочни последици.

На овие ставови реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека правото на референдум е гарантирано, но дека постојат јасни процедури за негово распишување. Тој истакна дека се разликува ставот на Митовски од позициите на партиското раководство.

– Можев да се уверам лично дека неговиот став е сосема спротивен од мислењето на раководството на СДСМ – изјави Мицкоски, додавајќи дека проектот има стратешко значење и ќе мора да ги исполни сите еколошки стандарди.

На крајот, Митовски порача дека неговата улога останува јасна: да ги брани интересите на граѓаните и да обезбеди развој.

– Ќе бидам првиот што ќе застане во заштита на интересите на градот и на граѓаните. При каква било закана за здравјето, ќе реагирам директно и без компромис – подвлече градоначалникот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ