Општина Центар доделува субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и дополнителна опрема, односно детско седиште, кацига, светло, катадиоптри, звонче, безбедна сајла, катанец и сл.
Со мерката се субвенционира 30% од цената за купување велосипед, е-велосипед, најмногу до 3.000 денари, како и 30% од цената за дополнителна опрема, најмногу до 1.000 денари.
Право на субвенција има секој полнолетен жител на Општина Центар кој извршил купување почнувајќи од од 21 март 2026 година.
-Со овие субвенции поттикнуваме здрави навики и поодговорен однос кон животната околина. Лично сум голем љубител на велосипедот. Во денови кога Скопје буквално не може да дише од сообраќај и загадување, велосипедот е вистинско решение, штеди време и пари, го подобрува физичкото и менталното здравје и придонесува за почист и потивок град – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Повикот започнува денеска и ќе трае до исцрпување на средствата, но не подоцна од 1 декември 2026 година, по принцип „прв дојден, прв услужен “.
Барањата со комплетна документација се доставуваат во Архивата на Општина Центар (барака бр.6), секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Од Општина Центар велат дека ќе продолжат со активности што поттикнуваат одговорно однесување кон околината, решенија за одржлива мобилност и поквалитетно секојдневие за сите жители.












