Цените на нафтата се зголемија во четврток на меѓународните пазари на 84 долари, сигнализирајќи ги стравувањата на инвеститорите дека блокадата на Ормутскиот теснец може да трае подолг временски период и да ги загрози резервите, пренесе „Хина“.
На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше по пладне на 2,57 долари, во пораст од вчерашното затворање на тргувањето од 83,97 долари. На американскиот пазар, беше за 4,26 долари повисок и изнесуваше 78,92 долари.
Вниманието на трговците беше насочено кон прекинот на транзитот на нафта и гас низ Ормутскиот теснец во четврток.
Израел и САД го нападнаа Иран во саботата, а Техеран одговори со испукување ракети врз американските воени бази во Персискиот Залив.
Иранската морнарица во среда објави дека ја презема контролата врз Ормускиот теснец, а танкерите и контејнерските бродови го избегнуваат водниот пат откако група осигурители го откажаа покритието за воен ризик.
Ирак го запре производството на нафтеното поле Румаила, второто по големина во светот, поради ваквите услови. Бродовите не доаѓаат да подигнат нафта поради блокадата на Ормускиот теснец од страна на Иран, а резервоарите се полни, соопштија официјални лица во вторник. Румаила произведува околу 1,4 милиони барели нафта дневно, според некои проценки.
Доколку прекините во сообраќајот траат подолго, производството во регионот би можело да се намали уште повеќе, изјавија аналитичарите на ING, Ева Мантеј и Ворен Патерсон.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да понудат осигурување за бродовите во регионот, сугерирајќи дека танкерите би можеле да бидат придружувани од воени бродови доколку е потребно.
Бизнис лидерите во „Лојдс“ од Лондон, пазар за осигурување и реосигурување, изјавија дека се во контакт со Американската банка за развој за да развијат план за обезбедување осигурување од политички ризик и гаранции за поморска трговија во Персискиот Залив.
Инвеститорите се обидуваат да проценат дали пратките преку алтернативни патишта можат да го надоместат блокираниот транзит.
Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати можат да пренасочат пет милиони барели дневно преку цевковод, но 20 милиони барели дневно минуваат низ Ормутскиот теснец.
Другите добавувачи, како што се оние во САД кои вадат нафта од шкрилци, не можат да испорачаат доволно барели и веројатно ќе бидат потребни од шест месеци до една година за да се достават на пазарот, предупредуваат Манти и Патерсон.
Продолженото прекинување на снабдувањето од Блискиот Исток веројатно ќе бара координирана владина акција и ослободување на нафта од стратешките резерви за да се премости јазот додека не заврши прекинот, велат аналитичарите на ING.
Одделни пресметки од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) покажаа дека барел од кошничката сурова нафта на нејзините членки порасна за 1,87 долари во среда, на 82,87 долари.












