Царините на Трамп ја пренасочуваат глобалната трговија, компаниите се вртат кон Европа

24

Сè поголем број на малопродажни и потрошувачки брендови го префрлаат бизнисот на Европа и на другите пазари, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе универзална царина од 10 отсто за целиот увоз и дополнителна царина од 145 отсто за кинеските производи.

Европскиот гигант за е-трговија Zalando потврди дека е во преговори со нови клиенти кои сакаат да го зајакнат своето присуство на европскиот пазар, пренесува Танјуг.

„Брендовите бараат дополнителни извори на побарувачка бидејќи ситуацијата во САД станува посложена“, рече Дејвид Шнајдер, ко-директор на Zalando.

Германскиот Hugo Boss, кој има дел од своето производство во Кина, веќе почна да ги пренасочува стоките на други пазари, а не кон САД.

Компанијата објави пад на приходите во првиот квартал и предупреди на влошување на расположението на потрошувачите во САД, пренесува Ројтерс.

На сличен начин реагираат и други компании. Производителот на играчки Mattel ги повлече годишните насоки и најави зголемување на цените во Соединетите Држави, а во исто време го премести производството во Индија и го зголеми извозот од Кина на други пазари.

„Веќе не зборуваме за стратешко планирање, туку за адаптација на кризи во реално време“, рече неименуван аналитичар за стоки за широка потрошувачка.

САД веќе не се „ветениот пазар“ за многу светски производители и се чини дека Европа, барем во наредните квартали, ќе игра многу поголема улога од претходно, заклучува британската агенција.

ИЗДВОЕНИ