Секоја година додека Македонија чека за членство во Европската унија, е премногу, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Вила Водно. Милановиќ рече дека ЕУ не треба да ја третира Македонија како специјален случај, туку како земја која во моментов има одредени проблеми. Тој истакна дека правилата во ЕУ се јасни, треба едногласност.
-Како и да свртиме, се враќаме на истото. Се додека некој е против, Македонија не може да оди напред. Единствено прашање е дали ова за вас и за вашите граѓани уште е најважната работа на светот, или има и други опции. Европското право на кое се повикува професорката, е добро да се повторува, но ЕУ не функционира на тој начин. Хрватска е сведок на тоа, чисто да не живееме во илузија. Во ЕУ има и многу добри работи, но не се сите добри, особено последните години и месеци, рече хрватскиот претседател.
Милановиќ, кој е во прва официјална посета на земјава по стапувањето на функцијата на претседателката Сиљановска Давкова, потенцира дека не е тука за, како што рече, да дели совети, затоа што и онака добиваме многу совети, но порача да не се дозволи државата да биде жртва на принуди во замена за членството во ЕУ.
-Вие добивате многу совети, од вашите соседи, од меѓународната дипломатија, од ЕУ, не се сите тие совети паметни, ниту корисни за вас. Вие сте тие, кои ќе одлучите што е важно за вас. Само немојте да бидете жртва на некаква принуда, изнудување, кога станува збор за членството во ЕУ, порача хрватскиот претседател.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна земјава стои цврсто на патот кон ЕУ и дека Копенхагенските критериуми се тие кои ќе не направат, стандардна европска, досадна држава, а ветото, потенцира, не е пријателски инструмент.
-Нормално е да влеземе и политички во ЕУ затоа што геогравски и културолошки припаѓаме таму. Логично е ако сте добиле 20-тина позитивни извештаи од Комисијата, дека тие се веродостојни. Но Советот велел НЕ на тие ДА, иако сте ги исполниле Копенхагенските критериуми. Бараат ревизија на историјата иако многумина повикуваат на опасноста на таквата ревизија, рече таа.
Шефицата на државата додаде дека земјава е многу напред во однос на хармонизирањето со акито и напомена дека нашите проблеми имаат поинаква природа.
-Нашите проблеми се од друга природа, нашите проблеми се врзани, што е многу чудно за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот, нешта за кои не се разговара и преговара. Мислам дека ветото и натаму ќе предизвикува проблеми, нема да останеме осамен случај и дека на некој начин треба она што е во рамки на Копенхагенските критериуми да си го бараме местото, изјави Сиљановска Давкова.
Таа рече дека очекува разбирање, а земјава во меѓувреме мора да ја тера државната агенда – економски и културно да се развива.
Оценувајќи ги како традиционално пријателски односите со Хрватска, за кои кажа дека во сите сфери одат напред, претседателката истакна дека никогаш нема да биде заборавено дека во 2020 година за време на хрватското претседателство во ЕУ го направивме чекорот заедно со Албанија.
-Тоа е знак на разбирање, знак на поддршка. Хрватска и покрај тоа што е членка на ЕУ има разбирање за регионалните потреби, има разбирање за Западен Балкан. Многу пати претседателот повторува дека сме географски, културно, историски дел од Европа, рече претседателката Сиљановска Давкова.
(В.С.Н.)