петок, септември 11, 2026
Дома СПОРТ ОСТАНАТИ СПОРТОВИ ЧЕТИРИКРАТНАТА олимпска шампионка, Кинезинката Џанг Јунинг,  во посета на земјава: Македонија има...

ЧЕТИРИКРАТНАТА олимпска шампионка, Кинезинката Џанг Јунинг,  во посета на земјава: Македонија има пинг-понг таленти, но за светската сцена е потребна стратегија

1
Фото: Ѕ.Плавевски

Од олимпискиот пиедестал до македонските училишта – пинг-понгот станува нов мост меѓу Македонија и Кина. Поранешната кинеска шампионка Џанг Јининг, освојувачка на четири олимписки злата, десет светски титули и четири трофеи од Светскиот куп, во Македонија испрати јасна порака: талент има, но за светски резултати потребен е систем. Во земја во која повеќе од 1.000 млади веќе тренираат пинг-понг, Јининг препозна ентузијазам, дисциплина и потенцијал, но посочи дека следниот чекор мора да биде посериозен – модерни сали и тренинг-центри, меѓународни кампови и турнири и директно менторство од врвни европски и кинески тренери и шампиони.

– Македонија има талент и страст, но за да се создаде генерација која ќе се натпреварува на европско и на светско ниво, потребна е стратегија што ќе ги обедини училиштата, клубовите и институциите, порача Јининг.

Во своите предлози за развој на младинскиот пинг-понг во Македонија, таа нагласи дека е потребно создавање инфраструктура преку изградба на специјализирани сали и тренинг-центри со современа опрема, вклучување на младите македонски играчи во меѓународни кампови и турнири со европски и кинески шампиони, како и менторство и образовни иницијативи во кои искусни спортисти ќе пренесуваат знаење за техника, стратегија и спортска култура.

Јининг забележа дека македонските играчи се полни со ентузијазам и дисциплина, а нивото на конкурентност е во подем, но токму затоа, според неа, е неопходна систематска поддршка. Во натпреварите се приклучија и играчи од Србија, создавајќи поширока регионална сцена на која младите спортисти можат заедно да се натпреваруваат и да напредуваат.

Освен, Јанинг, која по повлекувањето од активниот спорт ја промовира спортската размена меѓу младите од различни земји, на покана од амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сиаојан, а во соработка со Пинг-понг федерацијата на Македонија, во посета на Македонија беше и Јан Сен, светски шампион во игра во двојки, кој воедно е и претседател на Кинескиот колеџ за пинг-понг, што има свој европски огранок кој ја игра главната улога во поттикнувањето на културната размена и директните контакти меѓу луѓето и спортистите од Кина и Европа.

Во своите предлози за развој на младинскиот пинг-понг во Македонија, Јунинг нагласи дека е потребно создавање инфраструктура преку изградба на специјализирани сали и тренинг-центри со современа опрема, вклучување на младите македонски играчи во меѓународни кампови и турнири со европски и кинески шампиони, како и менторство и образовни иницијативи во кои искусни спортисти ќе пренесуваат знаење за техника, стратегија и спортска култура

Покрај спортскиот аспект, посетата испрати и порака за поврзувањето на младите и народите преку спортот. Кинеската амбасадорка Џианг Сиаојан пинг-понгот го опиша како важен инструмент на спортската дипломатија и потсети на долгата традиција на размена меѓу Кина и Македонија.

– Ова е првпат Македонија да биде домаќин на толку истакнати кинески пинг-понг играчи, шампиони не само од Олимписките игри туку и од Светското првенство. Многу сме горди на денешниот настан. Би сакал да упатам голема благодарност до Федерацијата за пинг-понг на Македонија, како и до Олимпискиот комитет за нивната поддршка. Посебна благодарност упатуваме и до Кинескиот колеџ за пинг-понг при Универзитетот за спорт во Шангај и до Бирото на колеџот за нивната огромна поддршка. Знам дека ова, всушност, не е првпат пинг-понг играчите од Македонија да остваруваат ваква соработка и размена со одличните кинески тренери. Сја Шуо веќе работеше со госпоѓа Џанг Јунси, која лично ја тренираше во Барселона пред неколку месеци. Всушност, соработката во пинг-понгот меѓу Кина и Северна Македонија е веќе во полн ек. Како што спомнав, во април оваа година, млади пинг-понг играчи и тренери отпатуваа во Барселона. Претходно истата година, Сја Шуо донесе одлични македонски играчи на тренинг-камп во Ченгду, мојот роден град. Нивните вештини и самодоверба се подобрија, а на годинашните натпревари постигнаа и одлични резултати. Пинг-понгот не е само спорт, тој е начин за поврзување со светот. Оваа година се одбележува 55-годишнината од „пинг-понг дипломатијата“, која одигра клучна улога во градењето силни емотивни врски меѓу Кина и САД, рече амбасадорката.

Таа посочи дека тоа е приказна што сите ја знаат, но, малкумина го знаат фактот дека пинг-понгот, всушност, потекнува од Европа, а потоа се проширил во Кина и низ целиот свет.

– Пред само неколку дена, потпретседателот Јен Сен и професорката Џанг Јини престојуваа во Брисел по повод пријателскиот турнир во пинг-понг меѓу Кина и ЕУ за 2026 година. Овој настан собра повеќе од 100 љубители на пинг-понг од Кина и од Европа, го продлабочи меѓусебното пријателство и дополнително ги зацврсти врските меѓу народите на Кина и Европа. Всушност, спортската размена меѓу Кина и Македонија игра важна улога во унапредувањето на спортската дипломатија меѓу Кина и ЕУ. Тоа бара континуирани напори од страна на Кина, Македонија, Србија, Црна Гора и сите вклучени партнери. Ми претставува огромно задоволство што гледам дека пинг-понгот во Македонија доживува подем. Ми кажаа дека повеќе од 1.000 млади луѓе се занимаваат со овој спорт. Исто така, слушнав дека неколку млади играчи постигнуваат одлични резултати оваа година, рече амбасадорката на Кина во земјава, Сиаојан.

 

 

ИЗДВОЕНИ