петок, септември 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Битола и Прилеп ги собираат предлозите

Битола и Прилеп ги собираат предлозите

1

Општина Битола го објави конкурсот за наградата  „4 Ноември” за 2026 година.

Оваа награда се доделува на физички и правни лица како знак на општествено признание за значајни остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и други сегменти од животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Општината, Република Македонија и светот.

Наградата се доделува во две категории: едногодишна  –  за достигнувања во периодот од 01.08.2025 до 31.07.2026 година и за животно дело што претставува заокружена, континуирана творечка целина.

–  Наградата за првата категорија се доделува на правни и физички лица, додека, пак, наградата за животно дело се доделува само на едно физичко лице – соопштија од Општина Битола.

Право на предлагање кандидати за наградата имаат правни лица, здруженија на граѓани, група граѓани и поединци.

Конкурсот трае од 11.09.2026 година до 12.10.2026 година, до 15:30 часот.

Предлозите се поднесуваат до Управниот одбор на Фондот за Наградата „4 Ноември” на Општина Битола, „Булевар 1 Мај”, број 61 Битола – канцеларија број10, зграда на општинскиот инспекторат.

И Општина Прилеп започна со прибирање предлози за доделување на општинските награди и признанија „3 Ноември“, како и наградата за животно дело, по повод одбележувањето на празникот на Општината.

Од Општината велат дека наградите се доделуваат на физички и на правни лица кои имаат остварено значајни достигнувања во општествениот, стопанскиот, културно-уметничкиот и политичкиот живот, како и на оние што дале особен придонес во развојот и афирмацијата на Општина Прилеп.

Право да поднесат предлози имаат претпријатија, здруженија, граѓани и други заинтересирани субјекти. Предлозите треба да бидат соодветно образложени и аргументирани, со конкретно наведени достигнувања и придонеси на кандидатот во определената област.

При разгледувањето ќе се земаат предвид остварувањата во периодот од 3 ноември 2025 година до денот на поднесување на предлогот.

За наградата за животно дело може да бидат предложени кандидати кои подолг период се истакнувале со значајни резултати и особен придонес во својата област.

Предлозите се доставуваат до Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници при Советот на Општина Прилеп, преку приемното одделение во Општина Прилеп или на адреса: улица „Прилепски бранители“,  број 1, Прилеп.

Крајниот рок за доставување на предлозите е 9 октомври 2026 година.

Од Општина Прилеп ги повикуваат граѓаните, организациите и институциите да предложат личности и субјекти кои со својата работа, резултати и ангажман оставиле значаен белег во развојот и афирмацијата на градот.

 

ИЗДВОЕНИ