Македонскиот пејач, гитарист и композитор, Роџевски, кој настапи во Охрид со Христијан Моневски и со Дамјан Палоски на вокален исон, како и со Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски на контрабас, ја промовираше својата најнова двојна ЛП-објава „Ортодоксија каи Танатос“. Албумот содржи композиции базирани на византиското пеење, како и ремикси од значајни имиња на експерименталната сцена. Дине Донеф (Костас Теодору), пак, настапи со проектот „Сторитејлс“…
Со вчерашниот концерт на македонскиот музичар Крсте Роџевски, кој повеќе од две децении е активен на авангардната њујоршка „даунтаун“ сцена, а потоа, таа вечер, и на „Дине Донеф трио“, во самата црква „Света Софија“, но и во нејзиното предворје, почна првото издание на „Џез-вечери“, нова програма во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Нивниот настап го исполни овој духовен простор до последното место, а беше награден со бурни аплаузи и овации и проследен со огромен интерес од страна на публиката, што покажа дека џез-музиката има своја верна публика во Македонија.
Македонскиот пејач, гитарист и композитор, Роџевски, кој настапи во Охрид со Христијан Моневски и со Дамјан Палоски на вокален исон, како и со Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски на контрабас, ја промовираше својата најнова двојна ЛП-објава „Ортодоксија каи Танатос“. Албумот содржи композиции базирани на византиското пеење, како и ремикси од значајни имиња на експерименталната сцена.
Дине Донеф (Костас Теодору), пак, настапи со проектот „Сторитејлс“. Овој композитор, контрабасист и мултиинструменталист со македонско потекло во својата музика ги спои балканската традиција, импровизацијата и современата композиција, а со него настапија и Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис.

На сцената „Долни Сарај“, пак, Националниот џез-оркестар, на ова прво издание на „Џез-вечери“, вечер ќе ја претстави „Македонски сновиденија“, програма што го поврзува македонскиот фолклор со современиот џез. Под диригентската палка на Владимир Николов, ќе настапи и специјален гостин – трубачот Питер Сомуа од Гана, па публиката ќе има можност да ужива во нови аранжмани на македонски народни песни и во оригинални композиции инспирирани од традицијата.
Овој уникатен проект веќе постигна огромен успех на меѓународната сцена. Во ноември 2025 година, оркестарот реализираше исклучително успешна европска мини турнеја, претставувајќи ја македонската музичка приказна во големата сала ELTE во Будимпешта, модерниот културен центар „Ла Фабрика“ во Прага, како и во легендарниот џез-клуб „Порги и Бес“ во Виена. Низата меѓународни успеси продолжи и во мај 2026 година, кога беше изведена истата програма во Брисел, во престижниот културен центар BOZAR, каде што уште еднаш беше пречекан оркестарот со стоечки овации и со високи оцени од европската публика.
Инаку, Националниот џез-оркестар го објави своето прво дискографско издание – албумот „Македонски сновиденија (Macedonian Dreams)“. Оркестарот го претстави албумот како свое прво издание, кое е снимено во „Фејмс институт“ и веќе е достапно за слушање на „Спотифај“ и на другите дигитални платформи.
„Македонски сновиденија“ воедно е објавен и како прво физичко издание на Националниот џез-оркестар, во цеде-формат.
Од Оркестарот најавуваат дека наскоро ќе следува и винил- изданието, а дополнителни информации за датумот и за начинот на набавка на цедето и на винилот ќе бидат објавени во наредниот период.
Албумот е реализиран под диригентската палка на Владимир Николов, додека за аудиомиксот и мастерингот се погрижи Ангел Ќосев. Визуелното решение на обвивката е на Сергеј Андреевски.
На овој албум се наоѓаат девет композиции: „Деветка“, „Reflection of Caress“, „Ој ти момче, охриѓанче“, „A Letter to the Bottleman (Ratevka)“, „Butcher’s Dance“, „South Node“, „Light Pillar“, „Tinsmith’s Dance“ и „Changing Landscapes“.
Со „Македонски сновиденија“, Националниот џез-оркестар отвори ново поглавје во својата приказна, оставајќи го својот прв музички запис како трајно сведоштво за досегашните работа и развој. (Д. Т.)













