Судењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на уште седум други лица ќе почне на 24 август во 10:00 часот, информираа денеска од скопскиот Кривичен суд. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 4 в.в. став 1 в.в. член 22 од Кривичниот законик.
Груби, по поднесеното обвинение во случајот „Лотарија“, останува во куќен притвор.
– Со оглед дека Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен предлог, мерката притвор, согласно со член 470 став 4 од Законот за кривична постапка, може да биде најдолго 60 дена од денот на поднесување на предлогот до завршување на главната расправа, односно најдолго 60 дена од денес – соопштија од Судот.
Обвинението против поранешниот вицепремиер е поднесено со поинаква правна квалификација од онаа со која првично се водеше истрагата за случајот со Државна лотарија. Наместо за проневера во службата, Груби сега е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, дело за кое е предвидена пониска максимална затворска казна. Додека Груби беше недостапен за органите на прогонот, Обвинителството соопштуваше дека ќе биде гонет за проневера во службата според член 354, за што е предвидена казна до десет години затвор. Со поднесеното обвинение, правната квалификација е сменета, а за делото што сега му се става на товар максималната казна е до пет години затвор.
Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека при одредувањето на правната квалификација во поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител се водел од доказите прибрани во текот на истражната постапка.
– Првичната квалификација проневера во службата е поради сомнение дека е сторено тоа дело. Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата – изјавија од Јавното обвинителство.
Обвинителството завчера соопшти дека обвинетите, во текот на 2023 и 2024 година, заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија во значителна вредност од 8,2 милиони евра.
– Тие биле свесни дека АД за приредување игри на среќа Државна лотарија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51 отсто од основната главнина на друштвото – информираа од Обвинителството. (Б. Ѓ.)












