– Во светот на Чинго, како и во животот, реалноста и чудото често одат рака под рака. А токму во тој простор се раѓа секоја добра приказна – рече лауреатот Патлиџанкоски при врачувањето на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ во охридското село Велгошти. Тој потсети на учењето на Чинго, дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот живот, во човечноста што опстојува и кога се тешки времињата

– Творештвото на големиот македонски писател Живко Чинго покажува дека литературата не е само раскажување приказни туку и откривање на човечката душа, со сите нејзини светлини и темнини – рече годинашниот лауреат, д-р Марјан Патлиџанковски, при врачувањето на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ во охридското село Велгошти. Токму расказот „Службен пат до Тирана“, под шифра „Патникот“, на Патлиџанковски беше избран за најдобар од стручната жири-комисија на годинашниот конкурс за наградата „Живко Чинго“.

Во дворот на црквата „Света Петка“ во Велгошти се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“, посветена на ликот и делото на големиот македонски раскажувач, романсиер и драмски писател Живко Чинго, каде што централен настан беше врачувањето на наградата што го носи неговото име.

Пред спомен-обележјето на Живко Чинго во неговото родно место, Патлиџанковски истакна и дека литературата живее таму каде што обичниот човек ги носи своите радост, тага и болка, надеж и тишина.

– Во светот на Чинго, како и во животот, реалноста и чудото често одат рака под рака. А токму во тој простор се раѓа секоја добра приказна – рече, меѓу другото, Патлиџанкоски. Тој потсети на учењето на Чинго, дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот живот, во човечноста што опстојува и кога се тешки времињата.

– Вечерва, прифаќајќи ја оваа награда, чувствувам одговорност и обврска да им останам верен на приказната, на јазикот и на луѓето за кои пишувам… – додаде лауреатот.

Своја беседа за ликот и делото на Чинго имаше академик Катица Ќулавкова, која рече дека е еден од неодминливите македонски раскажувачи, чие дело трајно ја задолжило македонската книжевност и култура. На одбележувањето на 91 година од неговото раѓање, таа го издвои како еден од врвните македонски раскажувачи од генерацијата родена во 1930-тите, нагласувајќи дека неговото творештво претставува специфична наративна парадигма длабоко вкоренета во македонската стварност.

– Еден од тие неколку неодминливи раскажувачи е, секако, Живко Чинго… ја задолжил македонската книжевност и култура на начин кој нè обврзува – рече Ќулавкова.

Според неа, Чинговиот книжевен свет произлегува од силната импресионираност од македонскиот хронотоп, наследените колективни трауми и потресните гротески, кои во неговите дела понекогаш звучат магично и нереално, иако се длабоко вкоренети во реалноста.

– Тие се литературна рефлексија на македонската реалност, на идеолошкиот терор или товар, толку брутално реална реалност што звучи нереално и фантастично – посочи Ќулавкова.

Таа оцени дека Чинго, преку своите раскази и романи, го соочува читателот со македонскиот свет, но и со човечките слабости, траумите, неправдите, стравот, одмаздата и апсурдот.

– Чинго е автор кој прави „обдукција на човештината“, на семејството и на општеството, низ призма на конзервативниот паланечки лажен морал, кој е извор на многу неправди и несреќи, а неговите раскази се налик на гледање во сонце, кое се помрачува и потоа повторно се јавува во полн сјај – додаде Ќулавкова.

Инаку, годинашниот добитник на наградата „Живко Чинго“, Патлиџанковски, е роден 1973 година во Скопје, а дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност. Во списанието „Современост“, во 2004 и 2005 ги објавил трудовите „Митолошко-фантастични елементи во ’Тврдоглави‘ и ’Миракули на грозомората‘ од Славко Јаневски“, „Фолклорни демонски суштества“ и „Херменевтичка анализа на песната ’Чедоморка‘ од Славко Јаневски“.

Во 2019 ја објавил научната студија „Иницијацијата (пубертетска и херојска) во македонската народна епска поезија“, а во 2020 и трудот „Средновековното македонско скрипторско наследство“. Во 2023 ја освоил втората награда за краток расказ на конкурсот „Раскажувам фотографија“, кој го организира Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Таа година добил благодарница за успешна соработка од НУ Спомен-куќа на Мајка Тереза, а неговиот расказ „Аурата на Саанви“ бил објавен на македонски и на албански јазик. Во 2024 ја добил меѓународната награда за критика и книжевна историја „Книжевен круг“, доделена на XIII меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“. Во декември 2024 го објавил и својот прв роман за деца со илустрации „Едно лето на Никола“, а во мај 2025 и првата збирка раскази „Езерград – скопски приказни“. За овие две изданија во 2025 ја добил наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за публицистика.

ИЗДВОЕНИ