Град Скопје информираше дека по триесет години чекање и бројни најави, почнало асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“, со што проектот влегува во својата завршна фаза.
Притоа, оттаму соопштија дека по решавањето на долгогодишните имотноправни прашања и завршената експропријација, трасата е целосно ослободена за реализација на градежните активности.
Додаваат дека во рамките на проектот е изградена и нова атмосферска канализација, со што се создава современа и функционална инфраструктурна основа за овој значаен сообраќаен коридор.
– Се сеќавам уште како дете, довршувањето на овој булевар беше ветување што се повторуваше со години. Генерации граѓани слушаа ветувања, а повеќе од 100.000 луѓе што секојдневно гравитираат во овој дел од Скопје – живееја со метеж, нервози и сообраќајна голгота. Тоа време завршува. Јас и мојот тим си поставивме јасна цел: да не бараме изговори, туку решенија – дециден е скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека по завршувањето на оваа страна, сообраќајот ќе биде пренасочен, а ќе почне реконструкцијата и на другиот дел од трасата, кој, исто така, ќе добие целосно нов асфалт.
Од Град Скопје наведуваат дека започнатото асфалтирање е конкретен чекор кон целосно завршување на булеварот и подобрување на сообраќајното поврзување, безбедноста и условите за движење на граѓаните.
– Она што со години беше само ветување, денес се претвора во конкретен резултат. Ова е пример дека со решавање на проблемите, сериозна работа и со посветеност, Скопје може да добие инфраструктура што ќе им служи на граѓаните и ќе остане за идните генерации – децидни се од Град Скопје.
(А. П.)












