Метрополата, која претендира да ја добие титулата европска престолнина на културата 2028, има само три јавни тоалети – во Градскиот парк и во близина на мостот „Гоце Делчев“, кои воопшто не се одржуваат и не се соодветни за користење. Затоа граѓаните и туристите често се принудени да ги користат тоалетите во кафулињата, рестораните и во трговските центри. Наташа Доковска, програмски директор на Здружението „Новинари за човекови права“, вели дека јавните тоалети не се луксуз, туку основна потреба и прашање на човечкото достоинство, а на овој проблем веќе десетина години укажува и Здружението на туристички водичи на Македонија, но досега не е преземено ништо. Градските власти молчат што е со ветените три јавни тоалети во Градскиот парк, на просторот кај плоштадот „Филип Втори“ и во близина на Градскиот плоштад
Скопје со години се соочува со недостиг од функционални јавни тоалети. Граѓаните реагираат за недостигот и за лошата состојба на јавните тоалети. За тоа предупредуваат и од Здружението „Новинари за човекови права“, но и од Здружението на туристички водичи на Македонија.
Метрополата, која претендира да ја добие титулата европска престолнина на културата 2028, има само три јавни тоалети – во Градски парк и во близина на мостот „Гоце Делчев“, кои воопшто не се одржуваат и не се соодветни за користење. Затоа граѓаните и туристите често се принудени да ги користат тоалетите во кафулињата, рестораните и во трговските центри.
Наташа Доковска, програмски директор на Здружението „Новинари за човекови права“, вели дека јавните тоалети не се луксуз, туку основна потреба и прашање на човечкото достоинство.
– Недостигот на јавни тоалети во Скопје и во другите градови во Македонија е сериозен комунален, здравствен и социјален проблем. Недозволиво е во 21 век граѓаните да немаат пристап до чисти, безбедни, функционални и бесплатни јавни тоалети. Овој проблем особено ги погодува жените, девојчињата, лицата со попреченост, постарите лица, бремените жени, децата и лицата со хронични здравствени состојби. За жените и за девојчињата, пристапот до тоалет е директно поврзан со менструалното здравје и со достоинството. Не можеме да зборуваме за родова еднаквост ако девојчињата и жените немаат каде безбедно да ги задоволат своите основни хигиенски потреби – децидна е Доковска.
Здружението бара од општините и од Град Скопје итно мапирање на постојните јавни тоалети и утврдување на потребите на граѓаните. Потоа, изградба и поставување јавни тоалети на плоштадите, во парковите, на автобуските станици, пазарите и на други фреквентни локации. Бесплатен пристап, редовно одржување, вода, сапун и соодветни хигиенски услови. Исто така, и пристапност за лицата со попреченост, соодветни услови за менструална хигиена, посебни буџетски средства за јавни санитарни јазли и јасна одговорност за нивното одржување.
– Јавните тоалети не смеат да бидат тема само на Светскиот ден на тоалетите. Тие мора да станат дел од урбанистичкото планирање и од локалните буџети. Град што нема јавни тоалети не може да се нарече град што се грижи за достоинството и за здравјето на своите граѓани. Време е локалните власти да престанат да го игнорираат овој проблем и да понудат конкретни решенија – апелираат од Здружението.
На овој проблем веќе десетина години укажува и Здружението на туристички водичи на Македонија, но досега не е преземено ништо.
– Десет години реагираме. Тоа е болка што не се решава. Туристите ги насочуваме да одат во тоалет во хотелот во кој престојуваат, а во текот на патување – на бензинските пумпи – вели Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи на Македонија.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во јуни годинава најави дека Скопје ќе добие три јавни тоалети и оти се подготовките во тек. Тие требаше да бидат поставени на три локации: Градскиот парк, на просторот кај плоштадот „Филип Втори“ и во близина на Градскиот плоштад. Но, досега не е реализирано ништо од најавата.
И сега нема одговори на прашањата зошто ги нема тоалетите досега, кога ќе бидат поставени, дали ќе бидат на истите локации што првично ги спомена скопскиот градоначалник.
Градските власти молчат, а Скопје останува град што сè уште се соочува со децениски комунален проблем.
(А. П.)












