недела, август 16, 2026
Дома СКОПСКА Пуштена во употреба спортската сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Кисела...

Пуштена во употреба спортската сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода

Спортската сала е на површина од 440 квадратни метри и е изградена според НБА-стандардите. Овој капитален проект, вреден речиси 20 милиони денари, е реализиран со успешна соработка меѓу локалната самоуправа и централната власт, а со средства од Владата, преку унгарскиот кредит, фаза 2. Новата спортска сала е место каде што учениците ќе имаат можност правилно да се развиваат и да ги следат часовите по физичко образование

18

Учениците од подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор добија современ затворен спортски објект, каде што ќе може непречено да ја одржуваат наставата по физичко воспитување, да спортуваат и да се развиваат. Спортската сала викендот свечено беше пуштена во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Овој капитален проект е реализиран со успешна соработка меѓу локалната самоуправа и централната власт, а со средства од Владата, преку унгарскиот кредит, фаза 2.

Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска истакна дека Општина Кисела Вода континуирано работи на подобрување на условите во образованието, потсетувајќи на тековните проекти и мерки за поддршка на учениците.

– Огромно е задоволството што ја отвораме новата спортска сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Припор. Тоа е место каде што учениците ќе имаат можност правилно да се развиваат и да ги следат часовите по физичко образование. Особено ме радува фактот што преку соработката со Владата и ресорното Министерство, реализиравме проект вреден речиси 20 милиони денари. На површина од околу 440 квадратни метри, добивме прекрасна сала изградена според НБА-стандардите. Ова беше долгогодишно барање на жителите на населбата Припор, со кое решаваме уште еден децениски проблем – нагласи Стаменкоска-Трајкоска.

Таа додаде дека воедно квалитетно се работи на проширување на основните училишта „Невена Георгиева- Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, но и на изградба и реновирање на повеќе училишни спортски сали.

Министерката Јаневска најави нов инвестициски бран во училиштата во државата, со фокус на инфраструктурата во Кисела Вода и на воведувањето едносменска настава.

– Во овој период имаме инвестициски циклус од околу 90 милиони евра. Што се однесува до Кисела Вода, покрај оваа, градиме сала и во „Кузман Јосифовски-Питу“, а ги реконструираме салите во ЦОУ „Круме Кепески“ и во ООУ „Кузман Шапкарев“. Наша цел е воведување едносменска настава за подобар квалитет на образованието. За таа намена, ќе доградиме по шест училници во уште три училишта: „Кузман Јосифовски-Питу“, „Круме Кепески“ и „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Кисела Вода е општина што бележи прилив на првачиња, што особено нè радува, и ние се трудиме да ги обезбедиме сите услови тие да останат тука – најави министерката Јаневска.

Премиерот Мицкоски порача дека Владата останува силно посветена на капиталните инвестиции и ги охрабри општините да продолжат со подготовката на нови проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните.

– Добро е кога се гради и кога се исполнуваат потребите на најмладите. Ние, како Влада, ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти и во периодот што следува. Нашата задача е да работиме и тоа што сме го ветиле – да го испорачаме. Од ден на ден, дел од проектите што ги започнавме се завршуваат, помал дел се во фаза на реализација, а помал дел започнуваат сега. Веќе се реализираат повеќе од 1.200 проекти на целата територија на државата и мислам дека Македонија во моментот е претворена во едно големо градилиште, што беше и целта на оваа Влада. За следната година, преку ЗЕЛС, ги охрабруваме градоначалниците да подготвуваат проекти, а планираме да децентрализираме дел од средствата – од централниот буџет кон општините за уште поголема реализација – изјави премиерот Мицкоски.

Оваа учебна година во подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор, во Општина Кисела Вода, се запишани 29 првачиња, што е значително зголемен број во споредба со минатата учебна година.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ