Преку интерактивни активности приспособени на возраста, дечињата од градинката „Пеперутка 3“ од Драчево, денеска станаа вистински мали екохерои. Заедно со тимот на „Нула отпад“ и со главниот лик, роботчето Нула, тие преку анимирани приказни, песни и едукативни игри учеа зошто не смеат да завршат старите батерии и расипаните електронски уреди во обичните канти за смет и како се штитат водата, почвата и природата со рециклирање. Најмладите имаа можност практично да покажат колку научиле преку игрите за селекција на отпадот, положија свечена екозаклетва дека ќе ја чуваат околината, а на крајот сите добија диплома за мал екохерој, а градинката се здоби со признанието „Градинката – пријател на природата“.
– Големо задоволство е да се видат најмладите како, со толку ентузијазам, преку игра и дружење, ги учат првите и најважни лекции за заштита на животната средина. Кампањата „Мал екохерој“ на „Нула отпад“, која се реализира во градинките низ Кисела Вода, е одличен начин да развиеме кај децата, уште од мали нозе, свест за значењето на рециклирањето и на правилното постапување со електронскиот отпад и со батериите – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Таа додаде дека Општина Кисела Вода постојано работи на подигнување на еколошката свест кај сите генерации и создава услови граѓаните полесно да селектираат.
– Во таа насока, токму пред оваа, но и пред сите други детски градинки и основни училишта на територијата на Општината, како и пред месните заедници, веќе имаме поставено специјални контејнери за текстилен отпад. Особено ме радува што граѓаните ја препознаа оваа иницијатива и активно се вклучија, па за само една година од сите локации во Општината се собрани над 10 тона текстилен отпад. Продолжуваме со ваквите проекти, бидејќи чистата животна средина е наша заедничка одговорност – заклучи Стаменкоска-Трајкоска.












