Во минатото казахстанскиот тенисер, Александар Бублик жестоко ги критикуваше сите што играат на Лејвер Купот. Тврдеше дека тоа е само егзибиција, дека не служи за никаква цел. Но, откако доби покана од Роже Федерер, основачот на ова натпреварување, со одредена „финансиска инјекција“ за учество, одеднаш „ја смени лентата“.
„Лејвер Купот е многу добро натпреварување. Убаво е што добивате само покана, не можете да аплицирате. Се чувствувам привилегиран. Луѓето даваат сѐ од себе за да победат, сакаат да му донесат победа на тимот“, рече Бублик.
Секој од играчите добива 250.000 долари само за учество… Секако, беше прашан и за неговите претходни изјави кога го критикуваше натпреварувањето.
„Можеби само имав поинаков начин на размислување кога реков дека е само егзибиција. Тоа е затоа што никогаш порано не сум учествувал“, објасни Бублик.












