петок, ноември 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почнува судењето на Корабоски за бруталниот напад врз Сара, ќе му се...

Почнува судењето на Корабоски за бруталниот напад врз Сара, ќе му се суди за три кривични дела

0

Со почеток во 11 часот, денеска во Основниот суд во Охрид започнува судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, кој се случи на 15 ноември годинава.

Овој предмет ќе го води судијката Александра Поп Стефанија.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија меѓу двајцата, која започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговиот автомобил.

Таму, според пријавата, Корабоски физички ја нападнал својата девојка. Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што девојката изгубила свест и паднала.

Повредената била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

Охридското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

На обвинетиот претходно му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Денешното рочиште е почеток на судската постапка за случајот што предизвика големо внимание во јавноста.

ИЗДВОЕНИ