Поранешната НБА-ѕвезда, Амаре Стадемаер (44), направи неочекуван пресврт во животот по завршувањето на кошаркарската кариера. Некогашниот доминантен центар, кој настапуваше за Финикс, Њујорк, Далас и за Мајами, сега има сосема поинаква професија: стана полицаец во Флорида.

Тој има зад себе импресивна кариера во најсилната кошаркарска лига во светот. Во 2002 година, ја освои наградата за дебитант на годината, шест пати учествуваше на ол-стар натпреварот, а неговиот број „32“ беше повлечен од употреба во Финикс. Во август оваа година, доби уште едно големо признание со приемот во Куќата на славните.

Но, по повлекувањето од професионалната кошарка, тој се посвети на различни интереси и деловни проекти. Сега реши да почне ново поглавје откако положи заклетва како полицаец во полициската служба при јавните училишта во округот Мајами-Дејд.

  • Осумнаесет години носев дрес со моето име на грбот. Денес облекувам униформа што ја носи довербата на мојата заедница – објави Стадемаер на „Инстаграм“, нагласувајќи дека одговорноста за безбедноста на учениците, наставниците и вработените ја сфаќа исклучително сериозно.

Тој им се заблагодари на семејството, инструкторите и на колегите од полициската академија за поддршката во новиот животен предизвик. Неговата одлука веднаш привлече големо внимание, а особено интересен детаљ е неговата физичка градба: висок е околу 208 сантиметри и тежи приближно 111 килограми.

На социјалните мрежи веќе се појавија и шеги за тоа како ќе изгледа кога поранешниот НБА-ас ќе им нареди на учениците да одат на час.

  • Замислете да дојдете на училиште, а член на Куќата на славните да ви каже да одите на час. Важи, господине – веднаш!“ – напиша еден корисник.

ИЗДВОЕНИ