Семејството Николоски од Охрид обвинува за физичко и психичко насилство од локални полицајци. Сè започнало пред две недели, кога полицаец го обвинил синот на Силвана дека му истурил боја на возилото, настан поради кој момчето секоја недела треба да се пријавува во судот во Охрид. Според изјавата на мајката за редакцијата на весникот ВЕЧЕР, петмина полицајци во униформа го запреле и го претепале, по што 19-годишното момче завршило на Одделението за хирургија во болницата во Охрид.
Лекарскиот извештај од 1 ноември ги потврдува повредите на главата, лицето, рамото и на други делови од телото. Лекарот утврдил крвни подливи на повеќе места на главата – на десната и на левата страна, како и во задниот дел. Околу левото око имало гребаници, оток и голем подлив, поради што во тој момент не можело целосно да го затвори окото. Констатирани биле и болки при допир и притисок на левото рамо и пределот околу лопатката, како и на десната надлактица. Поради поматување на видот, присуството на крв во левото уво и губењето на слухот на левото уво, лекарот препорачал дополнителни прегледи кај офталмолог и оториноларинголог. Момчето било задржано на двочасовна опсервација поради повредите на главата и поматувањето на свеста. Според извештајот од психијатар, тој бил многу вознемирен, анксиозен, со чувство на паника и страв, болки после реактивен настан.

За наводната употреба на прекумерна полициска сила, јавноста дозна по медиумските настапи и обвинувањата на братот на претепаниот, Дарко Николоски. Сега неговата мајка за весникот ВЕЧЕР тврди дека продолжуваат заканите од инволвираните полицајци и дека се плаши за животот на своите две деца.
„Секоја вечер, покрај нашиот дом поминува полициска патрола, претходно не ја забележувавме. Се плашам да не му се случи нешто на моето дете. Минатиот петок го пријавивме случајот во Внатрешната контрола на МВР, децата раскажале што се случило, а поседуваме и аудиоснимка од случајот. Последно што дознавме е дека некои од инволвираните полицајци оделе во болницата и реагирале зошто ни давале болнички извештаи за повредите. Пред да го истепаат, ни дојдоа дома, беа дваесетина, правеа претрес без судски налог. Си викам што е работава, да не има убиство, не знам што бараа, но на крајот, ништо не најдоа“, раскажува потресено Силвана Николоска.
Од МВР до затворање на весникот не добивме објаснување за обвинувањата на семејството за прекумерна полициска сила и дали внатрешната контрола има изречено мерки. Семејството, преку адвокат, поднело пријава до Одделот за гонење на полициски службеници во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Пријавата е стигната минатата недела и предметот е распределен кај јавен обвинител, се проверуваат наводите и се собираат докази, се истражува сè што навеле во пријавата“, велат за весникот ВЕЧЕР од ОЈОГОКК. (П. А.)










