петок, ноември 27, 2026
Дома СВЕТ Промена во ставот на Трамп: Сега бара Путин да ја запре воената...

Промена во ставот на Трамп: Сега бара Путин да ја запре воената агресија во Европа

0
EPA/JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Доналд Трамп сака рускиот претседател Владимир Путин да ги запре сите воени активности насочени кон европските територии, порака што, како што откри, лично му ја пренел и на рускиот лидер.

Трамп ова го соопшти по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одржана на неговиот имот „Мар-а-Лаго“ во Флорида, пренесува „Гардијан“.

Американскиот претседател откри дека за ова прашање разговарал со Путин и за време на нивната неодамнешна средба во Кина.

„Потрошив многу време зборувајќи за тоа како би сакал претседателот Путин да ја повлече сета воена агресија против териториите низ Европа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

Неговата изјава доаѓа во период на зголемена загриженост поради руските активности и безбедносните инциденти во земјите на источното крило на НАТО, меѓу кои Естонија, Полска и Данска.

Трамп изрази надеж дека запирањето на воените активности би можело да придонесе за постигнување договор меѓу Русија и Украина во најкус можен рок.

„Навистина верувам дека тоа е многу реална можност. Илјадници луѓе умираат секој месец. Чисто крвопролевање. Тоа би било голем придонес за сите!“, порача американскиот претседател.

Изјавата се толкува како промена во досегашната реторика на Трамп кон Москва, откако претходно во повеќе наврати покажуваше поповолен став кон Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.

ИЗДВОЕНИ