Себастијан Фетел откри дека притисокот во Ферари за време на неговиот шестгодишен престој во тимот бил толку голем што механичарите речиси немале простор ниту за малку опуштање. Неговите сведоштва од новиот документарен филм предизвикаа реакција кај Луис Хамилтон, кој денес ја дели гаражата на италијанскиот тим.

Фетел пристигна во Маранело во 2015 година со амбиција да ги повтори успесите на Михаел Шумахер. Најблиску до титулата беше во 2017 и 2018 година, кога водеше големи битки со Хамилтон и Мерцедес, но во двата наврати Британецот излезе како победник.

Германецот открива дека атмосферата во тимот била исполнета со огромни очекувања и постојан притисок. Според него, од сите се барала максимална сериозност, а дури и пуштањето музика во гаражата не било нешто што раководството го гледало со одобрување.

Хамилтон, кој сега ја започнува својата втора сезона во црвениот болид, има поинакво искуство.

  • Јас не го гледам тоа така, кратко порача седумкратниот светски шампион, објаснувајќи дека во Маранело чувствува огромна страст и желба за победа. Тој смета дека работната атмосфера не се разликува многу од онаа што ја познавал во Мекларен и Мерцедес.

Британецот призна дека во гаражата нема гласна музика како кај Ред Бул, но нагласи дека атмосферата во тимот е добра. Според него, минатата сезона била тешка за сите, додека во актуелната чувствува значително подобрување.

Двете сведоштва доаѓаат од различни периоди во историјата на Ферари. Фетел зборува за времето на големиот притисок и борбата против доминацијата на Мерцедес, додека Хамилтон тврди дека денешниот тим има поинаква енергија и повторно ужива во работата.

Во меѓувреме, Ферари се бори за второто место во шампионатот кај конструкторите, а тензиите меѓу Хамилтон и Шарл Леклер во текот на сезоната покажаа дека во Маранело сè уште не недостасува притисокот од високите амбиции.

ИЗДВОЕНИ