„Секое дело, секој лик има приказна – од каде доаѓа, што чувствува и каде заминува. Важно е што ние користиме од градот од позитивните работи, за да оставиме позитивни дела – рече актерката Марија Спиркоска-Илиеска, која на отворањето на изложбата во Прилеп му посака на уметникот да продолжи да сонува и да креира
„Градот во мене“ е насловот на изложбата на уметнички дела од м-р Александар Џинго, отворена во Ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Настанот, кој се одржа во присуство на многубројни љубители на неговото творештво, меѓу кои и градоначалникот Дејан Проданоски и директорката на Центарот, Марија Попова-Јованоска, го збогати културниот живот во градот со дела кои привлекоа големо внимание.
Вечерта ја отвори хорот „Св. Петка“ со убава македонска песна, а потоа актерката Марија Спиркоска-Илиеска се осврна на творештвото на Џинго, посочувајќи дека се работи за уметник со слобода на духот, на мислата и на изразувањето.
„Секое дело, секој лик има приказна – од каде доаѓа, што чувствува и каде заминува. Важно е што ние користиме од градот од позитивните работи, за да оставиме позитивни дела – рече Марија Спиркоска-Илиеска, посакувајќи му на уметникот да продолжи да сонува и да креира.

За циклусот „Градот во мене“ зборуваше и Бранче Трајкоски, кој рече дека делата комуницираат со историското во уметноста преку академскиот реализам, а со актуелното, преку современата апстракција – и така, создаваат моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам.
„Делата се одликуваат со совршена рамнотежа меѓу цртачката техника со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит (реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил), од друга страна. Овој колорит варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег. Ваквото комбинирање на техниките успешно го дефинира трансформативниот стил на композицијата – тој е елегантен, динамичен и просторен, со силен авторски печат врз платната… Гледачот се наоѓа пред интроспективни уметнички остварувања во голем формат, мошне погодни за уметнички простори, дела со моќна визуелна појавност која овозможува естетско и енергетско препознавање на сопствените емоции и импликации од надворешната средина – рече Бранче Трајкоски за најновиот циклус на Џинго.
М-р Александар Џинго е академски уметник, професор по ликовно образование во Прилеп, има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, има учествувано на колонии и работи театарска сценографија и костимографија.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а делата ќе бидат достапни за посетителите до 8 октомври.












