Системот „Безбеден град“ ќе добие нови функционалности, а контролата на сообраќајот ќе се прошири и со мобилни радари поставени во полициските возила, кои автоматски ќе ги регистрираат сообраќајните прекршоци. Целосната имплементација на проектот на територијата на државата е планирана до средината на 2027 година.
Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, посочувајќи дека новите камери и радари ќе овозможат контрола како во урбаните средини, така и на отворените патишта.
Според Тошковски, признанието што „Безбеден град“ го доби во Дубаи не се однесува само на технолошкото решение, туку и на законските измени, начинот на функционирање и резултатите во намалувањето на сообраќајните несреќи со смртни последици.
Тој посочи дека во изминатите 35 години во Македонија годишно во просек загинувале по 150 лица во сообраќајни несреќи, додека годинава, до денот на неговото гостување, се регистрирани 85 жртви.
– Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена – порача министерот.
Новите подвижни радари ќе се воведуваат постепено, со соодветно опремување на полициските возила и обука на службениците.
Една од новините е и автоматското регистрирање на непрописното паркирање, кое, според најавите, треба да започне до крајот на годинава. Сепак, прекршоците нема да се утврдуваат целосно автоматски, туку ќе биде потребна потврда од полициски службеник. Причината е што системот не може со целосна сигурност да направи разлика меѓу непрописно паркирање и запирање предизвикано од сообраќаен метеж.
Контролите првенствено ќе бидат насочени кон главните булевари во Скопје и другите градови, особено кон улиците по кои се движат автобусите.
Тошковски најави и дека од следната недела граѓаните ќе можат да користат мобилна апликација преку која ќе проверуваат дали имаат регистрирани сообраќајни прекршоци и ќе можат да ги плаќаат казните.
Паралелно со ова, до крајот на годината се очекува да профункционира и пунктот за проверка на возилата на граничниот премин Блаце, по примерот на оној на Табановце. Во план е вакви пунктови да бидат отворени и на други гранични премини, меѓу кои и Богородица.
Во однос на територијалното проширување, Тошковски информираше дека системот во СВР Струмица треба да биде воведен во првата половина на следниот месец, во СВР Штип до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари, а во СВР Скопје до крајот на февруари.
Министерот нагласи дека системот ќе продолжи да се надградува, со посебен акцент на критичните сообраќајни точки на кои се случуваат најтешките сообраќајни несреќи.
Крајната цел, според него, е исполнување на европските заложби за намалување на бројот на жртви во сообраќајот за 50 проценти до 2030 година, а до 2050 година на патиштата да нема загинати лица.












