Србија е подготвена за старт на патничкиот сообраќај со брзиот воз на линијата Белград – Будимпешта, но точниот датум за првото патување сè уште зависи од унгарската страна. Министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Александра Софронијевиќ, изјави дека во тек се последните проверки за безбедност на пругата во Унгарија. Таа порача дека Србија одамна си ја завршила својата работа и дека сега се чека договор меѓу двете земји.

– На граѓаните и на Србија и на Унгарија им е во интерес возот да почне да сообраќа што поскоро – рече Софронијевиќ, додавајќи дека наскоро може да има позитивни вести.

Според неа, унгарскиот министер за транспорт, Давид Витези, побарал средба, а една од главните теми ќе биде токму пуштањето на патничката линија Белград – Будимпешта.

Во моментов, товарниот железнички сообраќај меѓу двата града функционира без проблеми, а следниот чекор е граѓаните да можат да патуваат со брз воз меѓу двете престолнини.

Од ресорното министерство најавуваат и нови инфраструктурни проекти. Се очекува во иднина да се воспостави железнички коридор до Трст, а работите на големите патни проекти продолжуваат според планот.

ИЗДВОЕНИ